Во средновековни времиња луѓето оделе поразлично отколку денес

Благодарение на еволуцијата, живите организми во основа се дизајнирани за што е можно поголема ефикасност т.е. заштеда на енергија. Со нив и ние, луѓето. Со други зборови, тоа значи дека кога ни се може да сме мрзливи – ние стануваме мрзливи.

Мрзлив е денешниот начин на одење, на пример. Денес газиме прво на петата или со целото стапало, директно префрлајќи ја целата тежина на телото на ногата со која газиме. Така е полесно, и потребна ни е помала енергија.

Ова денешно „безгрижно“ одење произлегува некаде од 1500-тите години, кога луѓето почнале да носат чевли со тврда рамка, а потоа и ѓон. Таквите чевли, пак, се резултат на адаптирање кон тогаш новите услови – појавата на поплочени градски улици, на пример.

Но пред тоа, пред чевлите со ѓон, луѓето главно оделе боси или носеле чевли што слободно можеме да ги споредиме со кожна чорапа.

Сетете се на часовите по физичко кога трчавте со „Шангајки“ по лошиот паркет во школската сала. Сега замислете како е да одите со балетанки по земјен пат со камчиња, шума, карпи…

Со еден збор, кога немате добри чевли, морате да газите многу повнимателно, како што газеле луѓето пред 1500-тите години – на прсти. При газењето на прсти, тежината на телото не се префрла врз стапалото веднаш штом ќе ја допрете земјата. Не, туку прво „опипувате“ (да не има камен, полжав, пчела, змија, итн.) па дури потоа газите со целото стапало. Таквиот начин на газење/одење подразбира повеќе напор и енергија (пробајте и видете како ви реагираат мускулите), но е неопходен кога стапалото е незаштитено.

Дури и денес, кај многу култури (претежно племиња) кои сé уште одат боси, ќе забележите дека газат прво на прсти. Истото е евидентно и во средновековната уметност, особено готската (што со години ги збунуваше сите што ја анализираа). Покрај сликата на почетокот на текстов, еве и илустрација од еден прирачник за мечување:

Тоа што луѓето газеле и оделе поинаку, пак, се одразувало и на начинот на држење на телото. Денес одиме со опуштен врат и рамења и благо свената глава, т.е. навалени нанапред, зашто ни се може – зашто газиме на цело стапало. Пробајте истото да го правите на прсти – гравитацијата ќе ве повлече нанапред и ќе морате да одите сé побрзо за да не паднете. Ќе бидете како пијан човек кога ќе се затрча нанапред непосредно пред да плесне со лице на подот.

Затоа, кога одите газејќи на прсти, тежиштето на телото мора да ви се совпаѓа со централната оска на р’бетот. Во превод, мора да одите исправени. Затоа на средновековните слики луѓето изгледаат така грациозно, а кога одат изгледа како да се перчат. 

Да одите денес вака низ град, ќе ви се смеат, ама ‘рбетот и те како ќе ви биде благодарен. Со одење на прсти импактот при газењето се ублажува и постепено се пренесува кон и низ ‘рбетот; додека кога газите со цело стапало или на пета, секој импакт е со целата тежина, и оттаму многу посилен. Но да не се лажеме, денес имаме смартфони…

Патем, маскираниов на сликиве е Roland Warzecha од Хамбург, кој работи како „историски имитатор“ во историскиот парк Bärnau. Го објаснува ова погоре и во пракса, визуелно и многу јасно. За ова дознал од еден семинар во Швајцарија.

https://youtu.be/EszwYNvvCjQ

- Реклама -