Кој беше Хју Хефнер, освен татко на Плејбој

Според најголемиот дел од мажите, Хју Хефнер – кој мирно почина на 27 септември во својот дом на возраст од 91 година, живееше живот како од бајките. Можеби од некоја „+18“ бајка, но сепак. Фронтменот на Kiss – Џин Симонс, во документарецот од 2009-та – „Hugh Hefner: Playboy, Activist, and Rebel“, со право рече: „Покажи ми било кој маж некаде во светот… што не би го дал левото маде за да биде Хју Хефнер на возраст од 20, 50, 80 години…“.

Во 35-тото издание на Плејбој од 1989 година, самиот Хју Хефнер напиша дека не можел ни да замисли дека еден ден магазинот што го создал во својот стан во Чикаго во 1953 година со вкупен буџет од 8.000 долари, како и логото со зајче, ќе станат универзално познати брендови како Дизни и Кока Кола. Тоа прво и историско издание на Плејбој на насловната ја имаше тогаш уште не толку позната Мерилин Монро, а излезе без датум – бидејќи не се знаеше дали ќе има втор број. Сепак, списанието се продаде во 54.000 копии за една недела, секоја по цена од 50 центи.

Плејбој (првичниот предлог бил да се вика „Stag Party“) се појави како машки магазин што ги предизвика пуританските воспоставени правила, и се сврте кон „повнатрешни“ потраги. „Уживаме да мешаме коктели и hors d’oeuvre (апетајзер) или два, со тивка музика за расположение на фонографот, и друштво на женска придружничка за тивка дискусија околу Пикасо, Ниче, џез и секс“, напиша Хефнер во првото издание. Веќе во 1975 година, во својот пик, Плејбој циркулираше во 5.6 милиони копии.

Хју Хефнер го претвори Плејбој во посакуван лајфстајл, а себеси во јавното лице на брендот. Беше домаќин на две вечерни ТВ шоуа – Playboy’s Penthouse (44 епизоди од 1959 до 1960 година) и Playboy After Dark (52 епизоди меѓу 1969 и 1970 година), во кои гледачите можеа да ѕирнат во неговата прочуенa палата (Playboy mansion; каде што и почина) и барем на момент да станат дел од свингерајските журки на кои присуствуваа и еден куп познати лица. Впечатливата фигура на Хју – често претставуван токму во победничко-опуштено издание во својата палата, со луле и свилени пижами и наметка – стана олицетворение на неговата „Плејбој филозофија“, која промовираше лично ослободување ама и разни општествени каузи, како лични права и права за геј заедницата.

Хефнер, пак, беше контрадикторна фигура. Себеси се сметаше за феминист, но многумина го обвинуваа дека магазинот ги гледа жените како објекти. Одвреме навреме, Хефнер ќе се согласеше. „Тие СЕ објекти!“, изјави за Vanity Fair во 2010-та.

Во есеј од 2010-та година, Роџер Еберт за Хефнер напиша: „Тој веројатно има доживеано повеќе оргазми со различни жени отколку било кој друг маж што некогаш живеел“. Историски гледано тешко дека тоа е точно (прв на ум ни е Џингис Кан), но е соодветен опис за животот на чичето поминат меѓу „зајачици“. Сепак, самиот Хефнер се сметаше себеси и за романтичар.

Тоа се виде и од страниците на магазинот, барем за тие што го купуваа заради статиите. Таму се појавуваа врвни автори, меѓу кои и Џек Керуак и Курт Вонегат, а важен дел од Плејбој беа и интервјуата со некои од најголемите икони и најпочитуваните гласови на своите време. Надвор од страниците на Плејбој, Хеф (како што го викаат најблиските) беше и носталгичар, и не се одделуваше од филмовите и џез музиката од неговата младост.

Хефнер е роден на 9 април 1926 во Чикаго, во дом со строги методистички родители. „Растев во дом во кој не ме гушкаа“, вели во „Hugh Hefner: Playboy, Activist, Rebel“. Сепак, мајка му била еден од инвеститорите за неговиот револуционерен магазин, бидејќи, вели Хеф во едно од интервјуата, верувала во него.

Хефнер бил просечен ученик, ама наводно имал IQ на генијалец – 152. Во средно почнал да издава школски весник, бил претседател на ученичкиот совет, а го знаеле и по тоа што цртал. Откако поминал две години во војска, се запишал на предавања во Институтот за уметност во Чикаго, по што се префрлил на Универзитетот во Илиноис. Таму бил уредник на хумористичното списание на кампусот, ама вовел и нова содржина – „Студентка на месецот“. Постдипломската (на универзитетот Northwestern) му била на тема „секс законите во САД“.

На Northwestern ја сретнал Милдред Вилијамс. Беа во брак 10 години и имаа две деца: Кристи – којa го презема кормилото на Playboy Enterprises, и Дејвид. Бракот бил осуден на пропаст, ќе рече Хеф во неговите интервјуа, не заради неговата работа, туку затоа што Милдред му открила дека му била неверна додека бил во војска.

Магазинот Playboy, пак, се роди речиси од тривијалност. Во тоа време Хефнер работел како копирајтер за магазинот Esquire и побарал покачување од 5 долари кога седиштето било преместено во Њујорк. Кога го одбиле, Хефнер одлучил да остане во Чикаго и да почне свој магазин.

Плејбој го претвори Хефнер во икона на поп културата, но тој беше многу повеќе од тоа. Неговите „само за членови“ ноќни клубови 20 години уживаа највисок престиж, но беа и најголемиот работодавач во ентертејнмент секторот. Притоа, Хефнер вработуваше и црни артисти, спротивно на некои од законите кои наложуваа сегрегација. „Обоени луѓе“ имаше и во неговото шоу Playboy’s Penthouse, што доведе до тоа да биде забрането во некои држави на југот на САД, што имаше удел и во укинувањето на шоуто. „Кога никој друг не вклучуваше црнци и малцинства, ти ја имаше храброста да дозволиш да изгледаш глупаво среде Америка и да им дозволиш да те зезаат на ТВ“, му порача отприлика Дик Грегори (комичар, црнец) на „роуст“-от („roast“, демек печење на скара – кога славни личности дозволуваат комичари да ги зезаат и навредуваат, чисто за забава) на Comedy Central во 2011-та.

Паралелно, во ’50-тите и ’60-тите, Хефнер фундираше и судски случаи против државите во кои контрацепцијата беше забранета. Беше и продуцент на првиот игран филм на Монти Пајтон – „And Now for Something Completely Different“.

Во последните години, здравјето на Хефнер се влошуваше. Во 1985 година имаше инфаркт, имено поради стрес околу критички настроената книга на режисерот Питер Богданович, кој го обвини Хефнер и неговиот Плејбој начин на живот за смртта на зајачицата Дороти Стратен, која беше убиена од нејзиниот оставен сопруг.

Но тоа не беше доволно целосно да го запре стариот фраер. Хефнер, дури и во своите 80-ти години, се врати на ТВ во „The Girls Next Door“ – реалити шоу од 2005, во кое во 6 сезони фокусот беше на девојките на Хефнер и животот во неговата Плејбој палата во Лос Анџелес. До 2010-та беше женет за Кимберли Конрад (од 1989-та), па во 2012-та се прежени за Кристал Харис (60 години помлада), со која остана во брак до неговата смрт. Палатата, сепак, беше продадена во 2016-та, со услов Хефнер да живее во неа до својата смрт.

И самиот Хефнер често зборуваше за радоста и убавината на животот што го води, а сетоа тоа и мошне детално е архивирано – Хеф го држи Гинисовиот рекорд за најголема колекција од лични белешки, вкупно 2.643.

„За дете што растеше со толку големо влијание на поп културата во моето детство, да има толку големо влијание врз општествените вредности и поп културата денес, е прекрасно“, рече Хеф во интервју за Vanity Fair во 1993-та. „Мојот живот и Плејбој се рефлексија на конфликтите што постојат во Америка а се поврзани со сексуалноста“.

Кога новинар на истиот магазин го праша која му е најомилена година во животот, Хефнер одговори: „Веројатно летото ’42-ра. Имав 16 години и само што почнав да ги сфаќам можностите на тоа што значи да си жив. Беше тоа време во кое имав огромен креативен излив. Правев сé и сешто – цртани, приказни, претстави, радио претстави, песни… Тоа беше еден вид микрокосмос, генерална проба за подоцниот јас. Се заљубив во девојка тоа лето… Беше страшно романтично, и многу слатко време“.

Vanity Fair

- Реклама -