Со парите за Ајфон можеш да си купиш ветерница што ќе ти прави струја со години

Индискиот стартап Avant Garde Innovations разви евтина ветерна турбина која може да генерира по 3-5 киловат часови струја секој ден. Кошта помалку од новиот Ајфон.

Мозоците зад ветерницата се браќата Арун и Ануп Џорџ. Мисијата им е да ја претворат енергетската криза во Индија во минато. Велат дека нивната ветерница може да напојува цела куќа, и тоа доживотно. Сепак, ова „цела куќа“ се однесува на индиски стандарди; во Македонија во 2015-та просечната дневна потрошувачка на електрична енергија во домаќинствата изнесувала 4.2 киловат часови по жител.

Avant Garde велат дека се стартап со „зелено“ срце и душа.„Нашата цел е да ја елиминираме енергетската сиромаштија, да ја намалиме зависноста од немоќната државна енергетска мрежа и да создадеме енергетска самоодржливост преку дистрибуирана, локализирана и достапна обновлива енергија“.

Ветерницата е со големина на тавански вентилатор. Додека производство на 1 киловат енергија со стандардна ветерница во Индија чини околу 4.000 до 10.000 долари, а киловат час увезена енергија чини околу 3.000 долари, Avant Garde ја продаваат нивната мала ветерница за 750 долари. Ако пркне масовното производство на турбината, цената може да се намали уште повеќе. Како што рековме, произведува до 5 киловат часови енергија дневно, под услов да имате доволно и доволно брз ветер, се разбира.

Дури и да гледаме на бројките со краен скептицизам, дефинитивно ќе ви користи многу повеќе од Ајфон. Со 1 киловат час струја, на пример, можете да сварите 90 кафиња, да испеглате 11 кошули, 3 пати да се фенирате, 5 часа да сурфате на интернет или да испечете една роденденска торта…

За револуционерниот проект на браќата Индијци, нивната Avant Garde Innovations доби место меѓу Топ 20 Cleantech иновации во Индија. Влегоа и на листата од 10 зелени енергетски компании од Индија кои се квалификуваа за инвестицијата од една милијарда долари како дел од иницијативата “UN Sustainable Energy For All” на Обединетите нации.

- Реклама -