Индиецот со 145 академски дипломи

Професорот VN Parthiban, кој предава во Ченај, Индија, во последниве 30 години се има стекнато со 145 дипломи, и што е можеби уште поимпресивно, нема намера да запре со учење во блиска иднина.

Може да се рече дека импресивната бројка е резултат на тоа што Партибан прилично се помачил околу првата диплома. Бил страшно неорганизиран студент, често одел на погрешни предавања и учел за погрешни испити. Откако конечно некако успеал да дипломира, се вработил во Министерството за правда. Но сега имало друг проблем – го горела желбата да учи. Привлечен од големиот избор на привлечни студии што му биле достапни на универзитетот, Партибан решил да се врати и одново да студира, овој пат за втора диплома. А после и трета. А после и уште 142 други.

Во интервју за Sunday Indian, Партибан објаснува дека по првата диплома почнал да се запишува секаде каде што не му барале сертификат за трансфер за регистрација. Зошто така? За да може да студира повеќе разни курсеви истовремено. Оттогаш, вели тој, последните 30 години ги поминал во постојано спремање испити и аплицирање за нови студии и курсеви.

Meѓу листата на достигнувања, Партибан има 3 мастер дипломи по науки, 8 мастери по право, 8 мастери по економија, 9 мастери по бизнис администрација, 10 мастери по уметност и 12 други дипломи од разни истражувачки полиња. На прашањето дали има предмет во чие учење не ужива, Партибан без двоумење одговара: „Математика. Дефинитивно“.

На толку учење, со право ќе помислите дека тоа си носи своја цена, но ако прво на ум ви е социјалниот живот, грешите. Партибан има сопруга (која и самата има 9 дипломи) и две деца. Неговата мака е друга – интензивната апсорпција на информации удира по неговата меморија. Тој има потешкотии при препознавањето на лица што ги познава, но и да запамети одредени рути и места, дури и кога ги има поминато/посетено по неколку пати.

Но тоа не го спречува 56-годишниот професор. Тој продолжува да студира, истовремено предавајќи неколку предмети на неколку универзитети.

- Реклама -