Најдена потопена германска подморница од Прва светска војна со 23 мртви тела

Во уникатно откритие крај брегот на Белгија во Северното море, најдена е германска подморница од Првата светска војна. Информацијата ја потврди и гувернерот на белгиската покраина Западна Фландрија – Карл Декалуве.

„На предната страна има штета од удар, но подморницата останала затворена и во неа (претпоставуваме) и понатаму има 23 тела“, изјави тој.

Меѓу 1915-та и 1918-та година, со фландриската флота во Бриж биле стационирани околу 18 германски U-boats, како што се популарно познати. 13 од нив се уништени, а заедно со оваа најдени се 11. Не се знае точно за која од тие 18-тина подморници се работи, но сé упатува дека моделот е UB-II, што ја сведува селекцијата на 3 подморници. Ќе биде потребно уште едно нуркање за да се утврди за која точно се работи.

Германска UB-II, фотографирана во Zeebrügge во 1916 година.

Сепак, од сите досега најдени, новооткриената е најдобро зачувана, па оттаму и се претпоставува дека телата се сé уште внатре. Токму тоа го прави откритието уникатно.

UB-II подморниците биле произведувани и користени во 1915-та и 1916-та година, и биле способни да ронат на длабочини од 45 метри. Долги се речиси 27 метри, а широки 6 метри. Имале стандарден екипаж од 22 морнари и еден генерал.

Вкупно 93-те германски U-boat подморници стационирани во белгиските пристаништа во Првата светска војна потопиле над 2.500 бродови. Употребата на подморници била главната германска воена тактика за прекинување на британските трговски рути во Англискиот канал. Сепак, и самите германски подморници биле мета. Изгубени/потопени се 70 од нив. Оваа „најновата“ е најдена на дното на Северното море, на длабочина од 30.5 метри. Се смета дека налетала на подводна мина.

Точната локација сé уште не се открива, и така ќе остане сé додека не биде целосно заштитена. Во меѓувреме Декалуве го извести и германскиот амбасадор, со кој ќе треба да се договорат што може да се направи со телата најдени во подморницата.

- Реклама -