Ќе пишеш, па ќе се премислиш и нема да објавиш? Фејсбук го следи и тоа

„Немам што да кријам“ и зошто е тоа глуп аргумент

Луѓето ќе речат „нека ме следат, немам што да кријам“, но аргументот речиси никогаш не држи вода. Пред сé, затоа што е комплетно немарен став кон иднината – кога не дај боже (смирено, атеисти, само фраза е) нешто од тоа што не си криел ќе падне во погрешни раце (хакер, тоталитарна влада или компанија што откупува информации, сеедно) и ќе биде злоупотребено против тебе. Дури и да не правиш ништо компромитирачко, тоа што „не си го криел“ може да биде извадено од контекст и сепак да се увериш дека си имал што да криеш.

Дотука ништо ново, се надеваме. Но да ја баталиме иднината; вистината е дека и сега имате што да криете. На пример, сакате нешто да објавите. Ако е мисла, став или текст – ја пишувате, ако е слика или видео – го прикачувате, без да помислите два пати. И додека го правите тоа, особено ако е во лутина, сфаќате дека на содржината, каква и да е, не ѝ е местото во јавност, па кликате „cancel“ и не ја објавувате… Таквата содржина автоматски прераснува во нешто што (во помал или поголем степен) сакате да го скриете, и тоа по ваше убедување, со самиот чин што свесно одбивате да ја споделите. Веќе немате алиби да го користите најчестиот изговор.

Сепак, иако откажаната содржина нема да биде видена од онлајн аудиториумот, веќе е предоцна за да ја зачувате во доменот на приватноста. Зошто? Зашто Фејсбук го следи и тоа што нема да го објавите. Што се однесува до алгоритмите, вие веќе сте ја споделиле содржината со нив. Фејсбук има и посебен израз за истото – го нарекува „self censorship“, т.е. „самоцензура“. А ете, тоа не го спречува да го складира тоа што вие сакате да го самоцензурирате.

Зошто Фејсбук би одел до такви крајности? Како што „паметниот учи од глупавиот“ (во овој случај корисникот е „наивниот“, не мора да е глупав), така и Фејсбук учи не само од тоа што го споделувате, туку и од тоа што не го споделувате. Замислете го како игра на Minesweeper – преку откривање на полињата каде што нема бомби, ги откривате полињата каде што има. Така и алгоритмите можат да откријат одредени „бомби“, иако јавно не сте ги признале. Дополнително, Фејсбук не го интересираат само содржините што не ги споделувате, туку и зошто не ги споделувате. Импликациите извлекувајте ги сами.

Други суптилни начини на кои Фејсбук ве следи

Но ова не е единствениот начин на кој Фејсбук ве следи, покрај очигледните. Имено, освен што знае што купувате онлајн, знае и што купувате офлајн. Поконкретно, знае дали „во реалниот живот“ сте купиле одреден производ кој ви бил рекламиран на мрежата. Како? Е така. Фејсбук е партнер со еден куп компании. Преку разните нивни клупски и картички за лојалност, кои обично следат што купувате со нив, информацијата завршува во рацете на Фејсбук. Фејсбук, нормално, знае како да ја искористи за свои цели, на пример, поефективно да ви рекламира слични производи со поголема шанса да ги купите, што во пракса не мора да е добра зделка како што навидум звучи.

Фејсбук следи и голем дел од другите сајтови што ги посетувате додека сте логирани на мрежата, т.е. ве следи вас и вашиот browsing. Ова особено важи за сајтовите со „like“ и „share“ копчиња (што е 99% од сајтовите, во суштина). Во комбинација со ова погоре, тоа може да резултира на ваша штета. Имено, многу интернет платформи за продажба работат на принцип што одредуваат посебни цени за секој (може не баш за секој, ама сепак) индивидуален корисник, при што клучна улога има интересот што корисникот го пројавува за конкретен продукт. Така, на пример, ако алгоритмите научат дека сте прилично заинтересирани за одреден модел слушалки (што може да се случи преку соработка и размена на информации со Фејсбук), при онлајн купувањето може да ви биде понудена малку повисока цена отколку на останатите корисници…

Па ете, не се надеваме дека некого ќе премислиме, ама наше е да ви укажеме.

- Реклама -