За луѓето што го исхејтаа помрачувањето (и сличните на нив)

Пишува: Брендон Ленард, за Outside

Хилари и јас возевме со часови за да застанеме на еден земјен пат северно од Небраска и да ја гледаме двеминутната магија што на 21 август ни ја приредија Сонцето и Месечината. Во радиус од четвртина милја беа паркирани уште десетина други коли и сите го правеа истото: стоеја и гледаа нагоре кон Сонцето, чекајќи Месечината да застане комплетно пред него и да го засени на околу 99 секунди.

Сончевата светлина околу нас се затемни и температурата опадна. Во неколкуте секунди пред фазата на тоталитет, специфичните сенки се отсликуваа како бранови на патот под нашите нозе. Ги извадивме картонските очила и зјапавме нагоре – црн круг со осветлен прстен околу него. На 360 степени околу нас на хоризонтот се појави зајдисонце и го обои во розево. Од ширинката подолу по патот, каде што беа најголемиот дел од автомобилите, одекнаа восхитени навивачки извици.

Луѓето навиваа за Соларниот систем. Обично навиваме за тимови, говори, настапи во живо, но ретко Сонцето и Месечината добиваат аплауз. Тоа беше смешен и прекрасен момент вреден да се сподели со толпа странци, и толку, потоа заврши. Сонцето се врати, а луѓето влегоа во колите и си заминаа до каде и да им е домата.

Додека Хилари возеше Хилари, јас скролав по социјалните мрежи и гледав што гледале другите: одлични фотографии од помрачувањето направени од вешти фотографи, слики од семејства со картонски очила за сонце, пријатели кои исто како нас специјално отпатувале некаде за да ги гледаат Сонцето и Месечината. Беше тоа феномен.

И потоа открив на Фејсбук дека дури и помрачувањето на Сонцето има свои хејтери. Луѓето ги пишуваа своите оценки за настанот: „Разочарувачки“,  „Толку беше?“, „Безвезе“, „Требаше да си ги намалам очекувањата“ и сл. Беше тоа како луѓето да се логирале на Yelp за да оценат некој нов ресторан во нивното соседство, или како да оценуваат тазе излезен филм, или како нешто да можеше да биде подобро направено следниот пат за да се задоволат нивните лични потреби. Универзум: две ѕвезди од пет.

Чекај малку. Кому овде му се жалиме? На менаџерот на соларниот систем? На пи-ар компанијата одговорна за целата фама околу помрачувањето? На компанијата што ни продаде карти за овој астрономски настан? Што би посакале за возврат за нашето незадоволство, враќање на парите?

Да не даваш пет пари (читај: not giving a shit) е корисно во многу ситуации: да не ти е гајле за неконструктивната критика што ја добиваш на работа, да не читаш стотици слични статии на ден кои прават да мислиш дека светот е пред крај и ти ги консумираат сите продуктивни часови и разговори со пријателите, да се фокусираш на тоа што те прави навистина среќен наместо да се изнаработиш до смрт само за да имаш куќа/кола/косилка како на комшијата до тебе.

Но, апатијата е во голем степен прилично бескорисна и непродуктивна. Да се биде „премногу кул“ за сé не е изразување на твојот префинет и совршен вкус, туку те претвора во личност со срање став кон нештата.

Не знам за тебе, ама ќе ти кажам кого не го викаат да прави забавни нешта во најголемиот дел од времето: ликот кој, кога сите околу него стојат на паркингот и зборуваат колку супер прошетка/искачување/скијање имале дента, не престанува да зборува како минатиот пат кога кајакареле било подобро и дека не сфаќа зошто сега се крева толку фама.

Да, да поминеш 9 часа во кола за да гледаш 2 минути помрачување не е забавно, а сообраќајот уште помалку. Но помеѓу можноста да создадеш спомен од прилика што ја имаш еднаш во животот, и тоа да останеш дома и да какаш врз целата работа, јас го бирам првото.

Не знам за тебе, ама јас радо ќе погледнам назад врз својот живот и ќе се сеќавам кога ми останала подзината вилицата, било да е поради арктичкото зајдисонце, посета на Големиот кањон по прв или дваес-прв пат, или помрачување на Сонцето. Следното утро, откако ги изгледа морето фотографии, видеа и други реакции на помрачувањето, позитивни и негативни, Хилари рече: „Мислам дека е ствар на избор, тоа дали ќе ти се случуваат восхитувачки чуда во животот, или не“.

- Реклама -