Илон Маск и SpaceX ги покажаа новите скафандери за NASA

Сликата е објавена на Инстаграм профилот на Илон Маск

Во 2015-та, SpaceX на Илон Маск почна да работи на нови вселенски скафандери како дел од соработката со Commercial Crew програмата на NASA. Минатиот викенд Маск најави на Твитер дека следната генерација на вселенски костуми ќе бидат покажани неделава и дека моментално се подложени на океанско слетување и други безбедносни тестови. Очекувано, Маск си остана на зборот, па ни покажа како можеби ќе изгледаат луѓето од иднината кога ќе одат до Марс или други ќошиња од Сончевиот систем.

За почеток, изгледаат многу поергономични од тие што се користат денес, а највпечатлив е шлемот. Драстично се разликува од „рестриктивните ѕвона“ на денешните астронаути, и многу повеќе личи на моторска кацига.

Маск истакна дека ова на сликите не е „лажен“ вселенски скафандер (колку за промоција), туку е вистински функционален костум кој веќе поминал тестови со притисок и вакуум.

Сликава не е официјална. Постирана е од фан на SpaceX, ама одговара со скафандерот на сликата од Маск.

Како и со другите продукти на Илон Маск, естетиката и во овој случај е важна како и функционалноста. Маск признава дека било тешко да се најде вистинскиот баланс меѓу двете. Делумно тоа е затоа што NASA наметнува строги безбедносни параметри, а скафандерот на SpaceX никако не е имун на таквиот критериум.

Останува да се види како SpaceX костумот ќе поддржува живот. Конвенционалните скафандери типично се опремени со бројни електроники за да одржуваат низа параметри потребни за да го одржат астронаутот жив, како притисок, вентилација и сл. Маск најави дека деталите ќе ги добиеме во деновите што следат. Некоја посебна причина да се биде скептичен нема; на крајот сепак останува фактот дека SpaceX и Маск планираат да пратат милиони луѓе на Марс, па сигурно имаат план и за скафандерите. Ќе биде интересно да видиме како овој дизајн ќе еволуира до неговата крајна функционална фаза.

- Реклама -