Синдром на човечка опустошеност, зашто „траума“ не е доволно

Терминот „посттрауматичен стрес“ не може праведно и квалитетно да го опише тоа што децата на Сирија го преживуваат во услови на војна од 2011 година наваму. Во најголем број случаи останати сираци, и во услови на огромна хуманитарна криза, за овие деца навистина може да се рече дека преживуваат посттрауматски стрес.

Вистината, сепак, е дека овие деца на војната преживеале повеќе физички, психички и емоционални трауми, и виделе повеќе потресни слики од сите доктори кои се грижат за нив – заедно. Затоа невропсихологот од Сириско-американското медицинско општество (САМО), д-р М. К. Хамза, создаде нов термин за да ја опише состојбата на овие деца – „Синдром на човечка опустошеност“.

Хамза раководи со комитет од доброволци кои имаат за цел да им понудат медицинска нега на преживеаните од војната во Сирија.

„Разговаравме со толку многу деца… Нивната опустошеност е дури и пострашна од тоа што војниците го преживуваат за време на воени дејствија. Тие (децата) се сведоци на преполовени тела, кои често се на нивните родители или блиски. Од семејства со по десетина членови, има по еден или двајца преживеани. Многу од нив имаат физички повреди. Ампутации. Тешки рани. И сепак успеале некако да стигнат до бегалските кампови“, вели Хамза. „Ние гледаме деца кои се буквално опустошени. И не завршува тука (нивната голгота)“.

Емоционалните и материјални проблеми пред кои се исправени цивилите во Сирија уште повеќе се влошуваат, секојдневно, од општата беда и експлоатација со која се соочени во бегалските кампови. Таму еден на секои пет жители е дете под 11 години. Според Хамза, таа нивна состојба не може да се опише со „беда“; тоа е многу повеќе отколку лоши човечки услови. А емоционалните и материјални проблеми допрва ги чекаат Сиријците избегани од војната.

Д-р Ијад Алкури, психијатар од САМО, опишува друг голем проблем кој го сведочи во камповите во Турција, Либан и Јордан.

„Имам пациентки кои ми раскажуваат дека биле допирани од докторите на непристоен начин. Тие доктори ја имаат прифатено идејата дека штом овие девојки се од Сирија, веќе по дифолт се уличарки (користи уличарки, ама мисли на проститутки)“.

Според него, улиците на Бејрут се полни со девојчиња од бегалските кампови од по 8-9 години, кои си ги продаваат телата. „И кога ќе ги прашаш родителите зошто нивните ќерки не се во училиште, тие одговараат дека им носат 50 долари на ден, што е страшно огромна сума кога живееш во бегалски камп“, раскажува Алкури.

„Ние просто ставаме фластер на незарасната рана“, вели Анас Магриби, доктор од САМО, задолжен за нега на бегалците кои успеале да избегаат од Сирија во граничниот турски град Антакија. Таму тој обучува медицински работници за нивно враќање во Сирија, за таму да лекуваат рани од бомбардирања и артилериски стрелби.

„Се обидуваме да ги пополниме празнините, но сите ние организации за помош – ние едноставно преврзуваме завои врз раната. Не се занимаваме со основната причина за проблемот“, вели Магриби. „Наместо да вложуваме ресурси во тоа да спасиме 10-годишно дете погодено од ракета, треба да се фокусираме кон тоа да го запреме истрелувањето на ракети кои убиваат 10-годишни деца“.

Друг важен проблем со кој се соочуваат докторите се и нападите врз самите нив. Како што раскажува Магриби, секоја од болниците во која пружале помош била нападната барем еднаш. 9 од 10 од тие напади се по воздушен пат, од страна на сириската влада или нивните партнери (другите немаат воздушни сили). Дополнително на тоа, дури и само да работиш на територија во близина до полето на операции на терористичките организации, често е доволно да те прогласат за терорист или нивен сојузник и тебе самиот. Тоа реално е и една од најголемите и основни закани за хуманитарните мисии во Сирија.

„Секој што учествува во хуманитарна мисија може да биде окарактеризиран како терорист. Концептот… илузијата дека здравствените работници во Сирија се заштитени, многу лесно се оспорува“, коментира д-р Ахмад Тараки, претседател на САМО.

Во пракса, кога ќе се земе во предвид дека овие деца го преживеале пеколот на војната, сметани се за среќници. Но пред нив допрва претстои живот окупиран од тоа што д-р Хамза го нарекува Синдром на човечка опустошеност. Тоа си има свое влијание. Овие деца стануваат агресивни, страдаат од неконтролирано или ноќно мокрење, и ги потиснуваат емоциите длабоко во себе, со потенцијал да се претворат во темпирана бомба. Земено сето на куп, тоа е непогрешлив рецепт за создавање на генерација од емоционално осакатени луѓе. А тоа е проблем на кој светот допрва ќе треба да бара одговор. И тешко ќе најде.

- Реклама -