Зошто кесите со чипс се полни со воздух

Кога како дете неколку пати ќе се разочараш од количината чипс што те чека во огромната кеса што си ја купил, почнуваш да мислиш дека производителот ти прави фора само колку за да го купиш баш неговиот бренд. После се убедуваш дека кај сите брендови е исто, а кога си малку поголем, сфаќаш дека чипсот се продава според грамажа; таков закон во САД има донесено уште од 1966 година, токму во насока да се спречи потрошувачите да бидат измамени. Теоријата од погоре ти паѓа во вода (иако не може целосно да се негира фактот дека големата кеса сепак ти го лаже мозокот, до одреден степен), па сфаќаш дека мора да има уште некоја причина.

Е па, една е дека кесата е полна со воздух за да служи како воздушно перниче и да спречи дробење на чипсот во неа. Производителите прилично се трудат околу формата на секое парче компир, така што и тие, како ни ти, не би биле задоволни ако нивниот продукт стигне до тебе во форма на трошки.

Но, ова објаснување е само делумно точно. Погрешен е делот дека во кесата има воздух. Имено, ако тоа беше воздух, чипсот брзо ќе стануваше бајат. Воздухот реагира со состојките во чипсот и го забрзува процесот, што е очигледно и кога ќе го оставите чипсот отворен на еден ден. Значи, нејќете во кесата да има воздух.

Затоа тоа во кесата е азот. Молекулите на азотот не реагираат со другите молекули околу нив, што го прави погоден за презервирање и долготрајност на спакуваниот чипс. Со тоа чипсот останува крцкав, а бидејќи азотот нема вкус или мирис (и подобро така, зашто го има во 78% од атмосферата, нели), го зачувува и оригиналниот вкус.

Па ете, сега знаете… а пак посакувате кесата да е полна со чипс. Со вас сме.

- Реклама -