Жалби на балкански туристи ака. „Ќе направам сé за да ми ги вратите парите“

Од Националната асоцијација на туристички агенции на Србија велат дека бројот на основани жалби е на нивото од претходните години, ама дека откако е основана таканаречената „ЈУТА гаранција“ (која рефундира одмори на измамени туристи), драматично е зголемен бројот на туристи кои како плански да бараат мани во текот на одморот. Со други зборови, „ја праат балканската“.

Како резултат, секоја сезона поплаките се сé покреативни и поинтересни, а има и поединци што редовно ја праќаат истата жалба уште од 2009-та, инсистирајќи да добијат бесплатно летување. Има и такви што преку целиот одмор се посветени на собирање докази против агенциите, во надеж дека ќе си ги добијат парите назад.

„Луѓето не разбираат дека ЈУТА гаранцијата служи за патниците да се јават во случаи кога агенцијата не го платила хотелот/сместувањето или кога на местото на поаѓање не се појавил автобусот. Наместо тоа, ни се јавуваат за да се жалат на бубачки, тесни кревети и лош интернет“, велат од асоцијацијата.

Една од најчестите жалби за кои се бара рефундирање на парите е „интернетот беше трагедија, а поради работата моравме да имаме константна конекција“. Има и од типот „подобро да загиневме по пат отколку да немавме интернет во автобус!“. Токму автобусите се покажуваат како најкритичен момент од патувањето. Еден куп жалби се однесуваат на сопатници кои „мешале виски и енергетски пијалоци и пуштале музика од приватни звучници“. Други си ги бараат парите зашто „луѓето што седеле пред нив смрдат“, а една патничка се жали и зашто седела до „габаритна жена која била толку крупна што зафатила едно и пол место“.

Најголемиот број на жалби при кои се бара рефундирање на парите се однесува на сместувањето. Причините варираат: бучава од комуналните претпријатија кои го собираат ѓубрето на полноќ, дрво кое го попречува видикот, ноќе се слушале жаби што крекаат, базенот има многу хлор, душеците на креветите се тврди… Се бара рефундирање и во случаи кога постелнините биле црвени, штекерите лабави, немало доволно закачалки, или немало завеса во купатилото (со објаснение: „а сопругот сака да седи на шолја додека јас се бањам“).

Пари се бараат назад и зашто турист бил каснат од пчела, го касале комарци, имало пајаци, имало бубашваби (и ние би, бубашваби се кошмар, да бидеме искрени) или штурците биле многу гласни па детето не можело да спие. Често овие жалби се испратени во пакет со фото-докази, што од местото на убодот, што од лебарките по подот. Една таква слика дошла со caption „бубачките водат љубов на плочките во кујната“.

Има и турист што бара рефундирање од 20 евра затоа што платил казна за лошо паркирање…

Има и таков што бара враќање на парите затоа што „бркатиот газда на апартманот во Грција му ја гледал жената додека се сончала“.

Сите крадат се жалат на кражби

Туристите бараат да им се вратат парите и кога во апартманите им фалат дрвени лажици, ренде, кутлача, цедалка, прашок за перење… Или кога ринглата е мала и не можат да зготват сарма во тенџерето што го понеле (проблемот е решен така што водичот им донел три решоа)…

Паралелно, сопствениците на апартманите се жалат дека туристите со себе дома „однесуваат“ постелнини, пешкири, крпи, тави, тенџериња, кабли, рутери, па и пластични цвеќиња од дворовите.

- Реклама -