Најмалиот хотел на светот и зошто менува газди како чорапи

Хотелот Eh’häusl во Амберг, Германија, е лесно да го промашите. Нагмечен е меѓу две куќи и широк е само 2.4 метри. Тоа го прави најмалиот хотел на планетата, барем според Гинисовата книга на рекорди.

Ентериерот зафаќа вкупна површина од безмалку 53 метри квадратни, распоредени на 7 спрата. Максимумот дозволени гости се двајца, иако ќе можат да уживаат во удобна спална, дневна со камин, салон, и бања со када со масажери.

Но зошто некој би градел ваков хотел? Штосот е што не почнал како хотел, а притоа е совршената романтична дестинација. Имено, во 18-тиот век во Амберг, паровите што сакале да се венчаат морале да достават доказ за поседување на имот во градот, пред да им биде дозволен брак. Во 1728 година, еден итар бизнисмен се досетил како да го заобиколи законот и со тоа да им помогне на вљубените парови да ја озаконат својата љубов. Бизнисменот изградил „куќа“ составена од пар ѕидови и покрив, токму во просторот меѓу други две куќи, широк малку повеќе од 2.4 метри. Наместо да има еден постојан сопственик, куќата била редовно продавана на нови и нови парови без сопствен имот, за да можат да се венчаат. Денешното име Eh’häusl на локален дијалект всушност значи „свадбена куќа“.

Денес куќата не се користи за експлоатирање на дупки во законот, туку е раководена од општинска агенција како вистински хотел. Сепак, традицијата е задржана; агенцијата го изнајмува како привремена сопственост. На вебсајтот пишува: „Штом гостите го добијат клучот, тие се новите привремени сопственици на ова минијатурно светилиште…“.

Цените се движат околу 280 евра од вечер, а ако веќе решите да го „купувате“, гледајте да не носите многу багаж. Чисто за да имате повеќе простор.

- Реклама -