Се самоубивале ли луѓето во предисторијата?

Во оваа или онаа етапа на еволуцијата, на луѓето мора да им текнало дека смртта на телото со себе носи и смрт на умот. Идејата дека смртта значи и ментално отсуство, т.е. немање свест, е софистицирана идеја, и до неа се стигнува само со дедукција, не и преку опсервација; затоа и претпоставуваме дека нечовечко животно не може да ја има/сфати.

Да претпоставиме дека ваквата идеја за смртта се родила некаде со јазикот и симболизмот пред околу 100.000 години, и дека брзо се раширила низ човечката култура. Последиците по сфаќањето на луѓето за животот морале да бидат моментални. За тие кои се плашеле од тоа да престанат да бидат живи, „да го мирисаат животот“, ова било уште една причина да се остане жив. Но за другите, кои биле толку несреќни што го посакувале отсуството од постоењето, ова било причина да се умре. Така, овој голем напредок во човечкото знаење можел да има опасен исход врз човечката ситуација: да го претвори самоубиството – тоа себекорисното, егоистичното самоубиство – во потенцијално атрактивна опција.

Во реалноста, самоубиството меѓу луѓето е поразително често. Во САД некој се самоубива на секои 12 минути. Ширум светот, повеќе луѓе умираат од самоубиство отколку од сите војни и убиства заедно. Точно е дека некои го прават од алтруистични причини, за да им донесат бенефит на група луѓе или блиските. Но, големото мнозинство од самоубијците е примарно фокусирано само на тоа да си го убие умот. Далеку од тоа дека се надеваат да им помогнат на другите, овие самоубијци се мотивирани само од својот интерес, ако може така да се рече. Не само што не им е грижа (не доволно) за ефектот врз другите, туку некогаш дури и го прават како акт на одмазда. А намерувале или не, ефектот врз семејството и пријателите најчесто е уништувачки. Антропологот Чарлс МекДоналд од Францускиот национален центар за научно истражување, при анализата на мотивите за самоубиство, заклучува:

„Луѓето сакаат да ѝ стават крај на состојбата на психолошка или физичка анксиозност… Жртвите едноставно сакаат да ги нема. Не мислат дека со тоа ќе ги променат нештата. Заедничкиот делител на сите случаи анализирани овде е болка или стрес – физички, ментален или емотивен. Самоубиецот само сака да престане да боли.

Гледано од аспект на еволуционата биологија, алтруистичките самоубиства во корист на другите би можеле да бидат генетски корисни. Но егоистичните самоубиства, само со цел да се прекине болката, би можеле да бидат исклучително штетни. Многу од тие што се самоубиваат се млади. Сега е втората најчеста причина за смрт кај тинејџерите. Ако овие млади луѓе не умреле од своја „рака“, веројатно ќе поминеле преку болката и ќе продолжеле кон поуспешен живот. Со тој потег, тие си ја уништуваат својата сопствена биолошка благосостојба, како и таа на со нив поврзаните индивидуи. Од аспект на биологијата, егоистичкото самоубиство е очигледна грешка, сигурен пат кон генетско истребување. Но се случува токму затоа што луѓето, единствени меѓу животните, се издигнуваат над биологијата доволно за да можат да ја направат оваа грешка. Луѓето имаат причина да веруваат дека самоубивајќи се, тие можат да избегаат од болката. Затоа, самоубиството може да изгледа како рационално решение за моментален проблем. Така, себе-убивањето може да се сфати како себе-еутаназија.

И навистина, додека другите можни „лекови“ бараат време и напор, самоубиството може да делува лесно и брзо. Да скокнеш од карпа, да испиеш отров или да си ги пресечеш вените, не бара ниту емоционална интелигенција, ниту практична експертиза. Во делови од Азија, познато е дека луѓето се „обесуваат“ самите себе едноставно клекнувајќи и наведнувајќи се врз јамка од јаже. Во романот The Volcano Lover, Сузан Сонтаг дава интересен пример:

„Колку е тенка линијата меѓу волјата да се живее и волјата да се умре… Замислете… дупка… многу длабока дупка, поставена на јавно место, за општа употреба. На Менхетн, да речеме, на аголот на 75-та улица. Знак покрај дупката гласи: 16-20 ЧАСОТ / ПОНЕДЕЛНИК, СРЕДА И ПЕТОК / САМОУБИСТВО ДОЗВОЛЕНО. Само тоа. Знак. Несомнено, ќе скокаат и луѓе кои тешко и дека помислиле претходно на тоа“.

Вистинските самоубиства често се непланирани и импулсивни. Студија врз 306 кинески пациенти кои биле хоспитализирани по обид за самоубиство, покажува дека 35% размислувале на самоубиство само помалку од 10 минути, а 54% само помалку од два часа.

Проблемот е што сите човечки суштества имаат моменти на очај. Големата, трагична вистина е дека бидејќи луѓето имаат амбиција многу повисока од таа на другите животни, болката е неизбежна како дел од животот. Италијанскиот поет Чезаре Павезе експлицитно го кажува тоа: „Никому никогаш не му недостасува причина за самоубиство’. Филозофот Лудвиг Витгенштајн, исто така, еднаш на свој пријател му има кажано „дека одвај да постои ден во неговиот живот, кога во еден или друг момент не помислил на самоубиството како можност“. Во денешно време, пак, 60% од американските средношколци велат дека размислувале да се убијат, а 14% сериозно размислувале на темата во изминатата година.

Соочени со сите современи докази, нормално е да се запрашаме во кој степен самоубиството би можело да има импакт на пре-историскиот човечки живот. Денес постојат културни обесхрабрувачи – религиозни, правни, цивилни – кои иако не се целосно ефективни, сепак го држат самоубиството под одреден степен на контрола. Ама не секогаш ги имало.

Кога нашите претци првпат откриле дека менталното непостоење може да се „купи“ така евтино, колку ли биле подложни и ранливи на тоа сознание? Можеме само да претпоставиме дека, во недостиг на претходна изложеност на истото, биле фатени неподготвени, со спуштен гард, без никаков вид на имунитет, било вграден или стекнат. Во таков случај, оправдано и реалистично е да се замисли сценарио во кое самоубиството би се ширело како сипаници меѓу „незаштитената“ популација.

Во таква ситуација, самоубиството на еден служи како мотив и инспирација за самоубиство и на некој друг, исто така подложен на мислата. Тоа се нарекува suicide contagion, или попознато како „ефектот на Вертер“ (The Werther effect), според јунакот на новелата на Гете од 18-тиот век – „Страдањата на младиот Вертер“. Во новелата Вертер (*глупо е да пазиме на спојлери после 2 и кусур века) се убива откако безнадежно ќе се заљуби во мажена жена. По издавањето на новелата во 1774 година, во Германија следеле стотици „copy-cat“ самоубиства со копирање на начинот на смрт во книгата. Неодамнешните истражувања само потврдуваат колку е силен ефектот. Секогаш кога на самоубиство на славна личност му се дава голем простор во медиумите, следуваат имитатори кои исто така се самоубиваат. Се проценува дека смртта на Мерилин Монро во август 1962 била „одговорна“ за 200 дополнителни самоубиства во рамките на само еден месец. Откако една популарна јужнокорејска актерка се обеси во 2008-ма, стапката на самоубиства тој месец скокна за 66%, во што најмногу удел имаа млади жртви кои исто така си го одземаа животот со бесење.

Уште има делови во светот каде денешните стапки на самоубиство се 10 пати повисоки од просекот во останатите делови, и наводно како резултат на локални верижни реакции. Проучувајќи ги генерално задоволните и мирољубиви луѓе на островот Палаван на Филипините, МекДоналд нашол докази дека бранови на самоубиства се шират во малите села. „Детето расте привикнато на идејата за самоубиство“, коментира тој. „Тоа гледа или слуша за постари, чичковци, тетки, постари роднини и родители на пријатели кои се самоубиле. Така самоубиството станува прифатлив модел на однесување, опција која му е отворена на поединецот“.

Сепак, што можело да го предизвика ланчена реакција, за почеток? МекДоналд има нешто што го нарекува „теорија на бранот“. Верува дека самоубиството било на „нормалното“ ниво во Палаван, сé додека во раниот минат век не се случила некаква катастрофа – епидемија на колера, или поробување – што ги уништило животите на селаните. Тоа предизвикало експлозија на самоубиства, а бранот трае до ден денес.

Па, колку застапено би можело да биде самоубиството во неолитското минато? Тоа е прашање што археолозите никогаш не се сетиле да го постават, а и за кое тешко ќе можат да најдат одговор – бидејќи не можеме да очекуваме фосилни докази. Но, да речеме дека луѓето прв пат станале изложени на самоубиство пред околу 100.000 години. Можеме да претпоставимедека во раните денови на „инфекцијата“ стапката била релативно ниска. Но штом луѓето ја напуштиле Африка, животните услови станале многу посурови. Во ледената клима на централна Европа, пред 50.000 години, додека луѓето се бореле да ги преживеат природните елементи и притоа во смртоносна конкуренција со луѓето од соседството, би имало доста причини и прилики за краткорочен очај кој резултирал со самоубиство. Ако стапката на самоубиства тогаш стигнала критично ниво, лесно можела да стане епидемија.

Дали самоубиството било закана по опстанокот на целата популација на раните луѓе? Во човековата историја постојат неколку „тесни грла“, неколку „стеснувања“, кои сугерираат дека популацијата се намалувала речиси на занемарливи бројки. Овие падови во бројноста се припишуваат на разни надворешни фактори, како взаемно деструктивни меѓусебни борби, вулкански зими, или болести. Но, можеби вистинската причина, или еден од главните фактори, бил црвот во умот што нé јаде и денес?

Николас Хампфри, за Aeon

- Реклама -