Научниците за прв пат ја пресметаа тоталната количина на пластика што ја имаме произведено. Количината е огромна. Но уште поинтересно е каде завршува оваа пластика.
Од моментот кога пластиката почна масовно да се произведува во 1950-тите, човечката цивилизација има произведено 8.3 милијарди тони. Од овие, 6.3 милијарди тони, т.е. 76%, веќе се „заминати“ во отпад.
Ова се заклучоците на тимот од истражувачи од универзитетите во Џорџија, Калифорнија и Sea Education Association. Истражувањето е објавено во Science Advances и е првата глобална анализа на производството, употребата и крајната дестинација на пластиката. Сите показатели укажуваат дека треба добро да размислиме околу тоа како и зошто толку многу ја употребуваме пластиката.
Анализирајќи ги статистиките за глобалното производство на разни видови пластика и пластични адитиви од разни индустриски извори, истражувачите откриваат дека количината на глобално годишно производство бележи невиден раст, од 2 милиона метрички тони во 1950 година, до неверојатни 400 милиони метрички тони во 2015-та. Таква стапка на раст нема кај ниту еден друг материјал, освен кај градежните – челикот и бетонот.
Но, за разлика од бетонот и челикот – материјали кои се основа на инфраструктурата и траат со децении, пластиката обично се фрла веднаш по првата употреба. Тоа е затоа што голем дел од произведените количини се користат за пакување.
„Околу половина од целиот челик што го произведуваме оди на конструкција, и се користи со декади. Со пластиката е спротивно“, вели водечкиот автор на студијата – Роланд Гејер. „Половина од целата пластика станува отпад по четири или помалку години користење“.
Истражувањето покажува и дека производството на пластика сé уште се зголемува. Речиси половина од целата пластика во постоење е произведена во последните 13 години.
Како што рековме, 76% од целата пластика сега е отпад. Од овие, одвај 9% се рециклирани, а 12% се уништени. Речиси 80% од целиот пластичен отпад е акумулиран во почвата или природната средина. Во 2015-та, истиот тим научници процени дека околу 8 милиони тони пластика се истурени во океанот во 2010-та година. Сега, пак, проценуваат дека ако нештата продолжат со исто темпо, во почвата и околината ќе навлезат околу 12 милијарди тони пластика до 2050-та година. Тоа е страшно голема бројка. Еквивалент е на околу една-десетина од вкупната биомаса (масата на сé живо) на Земјата.
Читано меѓу редови, ние луѓето полека но сигурно го претвораме овој материјал во една од основните компоненти кои ја сочинуваат планетава – синтетичко соединение кое во зависност од видот на пластиката, трае од 500 до 1.000 години. Тоа е само уште еден доказ дека сме влезени во нова планетарна ера, наречена Антропоцен т.е. геолошка ера – период во кој човечката активност е доминантен фактор врз климата и животната околина.
„Повеќето пластики не се биоразградливи во ниту една значајна смисла, па пластичниот отпад кој луѓето го генерираат може да ни прави друштво стотици, па и илјадници години“, вели коавторот на студијата – Џена Џамбек. „Нашите проценки ја потцртуваат потребата да размислуваме критички околу материјалите кои ги користиме, како и околу нашите практики на менаџирање на отпадот“.
А тоа никој не може да го порекне. Пластиката е штетна за животните и човечкото здравје. Пластичните шишиња се особено проблематични; секој ден во САД, на пример, се фрлаат по 50 милиони шишиња. Преведено во нафтен футпринт, тоа се 17 милиони барели нафта потрошени годишно на производство на шишиња за вода. Тоа е доволно енергија да се погонуваат повеќе од милион возила преку цела година. А уште кога ќе ја додадеме нафтата потребна за транспорт на овие шишиња…
Сепак, поентата на Гејер и Џамбек не е да престанеме да произведуваме пластика. Ама производителите, пред сé, треба добро да ги разгледаат причините за користење пластика во голем дел од случаите – каде можеби и не е неопходно, и да најдат алтернативи. Научниците исто така треба да работат на нови материјали, но пред сé на високо-технолошки методи за разградување на пластиката и евентуално нејзино конвертирање во течно гориво или корисна енергија. Истовремено, треба да сме попаметни во начинот на кој се ослободуваме од истата (Шведска, на пример, треба да ни е репер за рециклажа), но исто така и добро да размислиме за нашите потрошувачки навики.