Зошто стјуардесите мразат да служат Кока Кола

Стјуардесите имаат доволно многу работа дури и без да се бават со патниците кои недоволно го ценат фактот што летаат на небото со џиновска метална птица, па се однесуваат како да се во хотел со пет ѕвезди. Ќе речете „тоа им е работа, сум платил/а“. Технички, да, ама со самиот факт што на почетокот на летот ти ги објаснуваат безбедносните процедури, ти кажуваат каде се излезите, како да ја користиш маската со кислород и слично – информации што во конкретни прилики можат да ти го спасат животот, веќе автоматски си им и должник.

Па, ако имате разбирање за нив и сакате да ги поштедите од непотребни задачи, фин гест е да не порачувате диетална Кока-Кола (таква најчесто се служи). Побарајте им било што друго, не мора ни да е храна или пијалок, ама не им барајте тоа.

Зошто? Зашто, како што пишува анонимен автор на блогот These Gold Wings, техниката потребна да сипеш Кока-Кола (или друг газиран пијалок) во чаша во авионска кабина, е посебно бавна и иритантна. Ѕирнете го ова:

Газираните пијалоци се проблем поради воздушниот притисок во кабината. Извесен автор под името „Jеt“, за блогот пишува:

„Буквално морам да стојам и да чекам меурчињата да исчезнат пред да можам да продолжам со сипување. Ако тројца патници ми побараат Кока-Кола, ќе ги земам нарачките, но во меѓувреме ќе земам и завршам уште три други, па потоа ќе ги донесам Кока-Колите“.

Хејтот кон Кока-Колата го потврди и стјуардесата Хедер Пул, во статија за The Week.

„Од сите пијалоци што ги служиме, диеталната Кока-Кола одзема најмногу време за сипување – на пената ѝ треба цела вечност да се повлече кога си на 10.000+ метри. За времето што ми е потребно да сипам една чаша Кока-Кола, можам да послужам три различни пијалоци на три различни патници“, вели Пул.

Па така, иако послужувањето лименки на патниците од прва класа е недопустливо (бидејќи не е угледно богати господа да пијат од лименка), Пул признава дека одвреме навреме ќе видите лименки и меѓу нив, особено кога стјуардесите немаат време за губење на играчки со пена и меурчиња.

- Реклама -