Лига Европа: Пандев против ПСВ, Дњипро и АИК

Најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев, со Наполи ќе им се спротистави на екипите на ПСВ Ајндховен, украински Дњипро и шведскиот АИК Стокхолм во Групата Ф од годинашново натпреварување во Лигата на Европа.

Така одлучи денешната ждрепка за Лигата на Европа во Монако, која им обезбеди релативно атрактивни групи и на останатите македонски претставници во второто по квалитет европско клупско натпреварување.

Бриж на Иван Тричковски е во групата Д заедно со екипите на Бордо, Њукасл и Маритимо, додека извонредно интересна група има и Агим Ибраими со Марибор, чии противници во Групата Ј се Тотенхем, Панатинаикос и Лацио.

Во групата Х ќе има македонска пресметка. Игор Митрески со азербејџанскиот Нефчи е заедно со белградски Партизан во чии редови настапуваат репрезентативецот Александар Лазевски и младиот Стефан Ашковски. Сите тројца против себе ќе ги имаат уште милански Интер и рускиот Рубин од Казањ.

Дарко Тасевски, по елиминацијата во плеј-оф рундата во квалификациите за ЛШ, во групната фаза од ЛЕ сега во Групата И со Хапоел Кират Шмона против себе ќе ги има Лион, Атлетик Билбао и Спарта Прага.

Даниел Георгиевски, пак, со романска Стеауа е во Групата Е каде се уште Штутгарт, Копенхаген и норвешки Молде.

- Реклама -