Како се прави летен хит – проверена формула

Летен хит, или во превод, еуфорична, пенлива и забавна песна што оди во заборав во моментот кога ќе паднат првите есенски листови.

Победникот на летово веројатно веќе го имаме – “Despacito” на Luis Fonsi, нормално. Се работи за лесен, течен ритам со шмек на регетон (Despacito значи „бавно“, ама тоа се однесува на заводничките техники на авторот, нели). Па, ајде да го деконструираме, заедно со уште неколку други докажани летни хитови, и да видиме што имаат заедничко.

Се сведува на 6 клучни карактеристики, од кои колку повеќе се запазени, толку поголеми се шансите песната да стане хит.

Песната мора да биде едноставна, а текстот да е плиток

Надвор сонце, учениците на распуст, вработените на одмор, а мозоците на пасење… Со тоа, секоја песна што пројавува било каков степен на емотивна или музичка комплексност е „аут“ од конкуренција да биде летен хит. Можеби затоа што горештините ионака ни го варат мозокот и нé прават троа поглупави, намалувајќи ни го капацитетот за стихови со цели зборови. Додуша некои се такви и преку цела година.

Кога ја слушаш, мора да се чувствуваш како на одмор

Летен хит може да е летен хит само ако е „егзотичен“. Таков ефект најлесно се постигнува со латино или карипски ритам, кој по дифолт наметнува расположение како да сте на одмор. Сакате примери?

Еден е „Makarena“ – хитот од 1996 година, кога електронските елементи беа во мода (па делува помалку „латино“). Сепак, во суштина ритамот е токму „карипски“, а и црнкињата што е во прв план во спотот е како извадена од некоја плажа од Бахамите (или сл.). Текстот го запазува и првото правило – се пее, меѓу другото, за девојка што го изневерува досадниот дечко со двајца негови пријатели, додека типот е на пат… Е така ни е кога не читаме лирикс… Бај д веј, чао наивно детство.

Нормално, меѓу најдобрите примери се и “Living la vida loca” на Рики Мартин (од 1999-та) и „Hips dont’t lie” на Шакира (од 2006-та). Едната е за лудо живеење, другата за колкови што мешаат. How deep, нели?

Иако по рецепт, мора да има нешто карактеристично

Најдобрата (поп) музика е огледало на општеството. А најдобрите летни хитови се огледало на општеството кога е на колективен одмор. Како инаку да се објаснат “Itsy Bitsy Teenie Weenie Yellow Polka Dot Bikini” од 1960-та година и сите нејзини ремикси од ’90-тите наваму, “I Kissed a Girl (And I Liked It)” на Кејти Пери од август 2008-ма и “Moves Like Jagger” која им ја воскресна кариерата на Maroon 5 во летото 2011-то?

Оригиналот, нешто поарен.

Па, што ги направи овие песни такви хитови? Одговорот е: оригиналната тема. Едната е за девојка што се срами да излезе на плажа во бикини. Другата е за бакнеж меѓу две девојки (едната има дечко, ама сака да проба). Третата е… *драматични тапани*… пак за мување и заведувачки техники.

За да те вртат на радио, мораш да си „радио-френдли“

Летен хит тешко се станува без радиото „да ти дува во грб“. Затоа, за да ги освоиш радио-станиците и да те пуштаат по 48 пати на ден (на секој пола саат), треба да имаш песна со јадица – заразна и благо контроверзна, но прочистена од пцовки и вулгарности (ако ништо друго со цензура).

Нормално, хит радијата пуштаат музика која ѝ прија на пошироката публика, па истото треба да важи и за твојата песна. На пример, „Shape of You“ на Ед Ширан. Иако излезе во јануари, по својата природа дефинитивно звучи како летен хит. Се пее за физичка привлечност. Поуниверзална тема – здравје.

Мора да биде објавена пред почетокот на летото

Ова звучи контра на примерот со Ед Ширан, ама неговиот е исклучок.

Иако е можно песната да стане хит и во текот на летото, идните летни хитови обично се објавени во етерот нешто пред да почнат горештините. Тоа им дава време да бидат забележани од широката публика, да се искачат на топ листите, а во лето веќе сите да ги знаат стиховите и мелодијата (инаку не може да е летен хит, нели).

На пример, „One Dance“ на Дрејк, која минатото лето 15 недели беше на прво место на топ листите, беше објавена во април.

Треба да го има зборот „лето“ во насловот 

Не дека другите тактики се нешто многу суптилни, но оваа е најпровидна. А сепак, можеби и најефикасна. Почнувајќи од “In the summertime” на Mungo Jerry од 1970-тите, па до “Cool for the summer” на Деми Ловато од 2015-та.

Доза на носталгија

Забележувате? Или песната е крајно игрива и „леле лето е, колку сме лудиии!!!“, или има добра доза на носталгија.

Исто како што темата на песната треба да резонира со широката публика, така треба и емоцијата. Лудоста/ опуштеноста и носталгијата, иако на двете спротивни страни на спектрумот, сепак се двете основни емоции на летото. Оваа вторава е неизбежна секогаш кога во глава ќе ви помине мислата дека летото, сакале или не, сепак ќе заврши, и од живот ќе се вратите во секојдневната монотонија.

- Реклама -