Куба ги враќа „љубовните мотели“

Кубанските власти преземаат конкретни мерки за „ревитализација на сексуалниот живот на граѓаните“. Во обид да „ги прошират можностите за љубов“, на граѓаните повторно им нудат можност за едночасовно изнајмување на соба во мотелите под државна капа.

Таканаречените posadas, т.е. „љубовни мотели“, беа честа појава во Хавана во ’90-тите години на минатиот век, сé додека не беа претворени во домови за жртвите од ураганите и другите природни непогоди. Подоцна на нивно место беа отворени приватни мотели, но цената – од околу 5 долари за три часа (што е приближно една шестина од просечната месечна плата во Куба), ги направи недостижни за поголемиот дел од граѓаните.

Па така, Кубанците почнаа да прибегнуваат во љубовни авантури по парковите, темните скали, па дури и крајбрежните патеки, пишува неделникот Trabajadores. Со повторното враќање на едночасовната поприфатлива алтернатива на љубовните мотели, Куба сака да стави крај токму на водењето љубов на јавни места, особено во Хавана. Со оглед на недостапноста на станови и живеалишта на островот – што од недостаток, што поради сиромаштијата – љубовните мотели се една од малкуте алтернативи кои им овозможуваат приватност на љубовните парови, особено што многу од нив живеат во куќи во кои живеат неколку генерации од едно семејство. Има и доста случаи на разведени парови кои се принудени да продолжат да живеат под ист кров.

Првиот од новите мотели ќе биде лоциран на неколку метри од еден поранешен познат љубовен мотел. Се работи за зграда со 16 соби, која ќе биде управувана од градската Provincial Housing Company, која во моментов раководи и со 27 други државни имоти. Директорот се надева дека ова ќе биде само старт во обновата/враќањето и на други љубовни мотели низ градот.

Првиот љубовен мотел во Куба се појавува кон крајот на 19-тиот век, токму во Хавана. Во почетокот на ’70-тите, во Хавана имало 60 такви мотели, сите управувани од државата. До крајот на ’80-тите, нивниот број се преполовува. Во ’90-тите се затворени сите преостанати мотели, поради „економски дефицит“, потсетува Trabajadores.

 

- Реклама -