Ги праќаат старите да бидат растргнати од тигри, за да добијат отштета од владата

Периодов индиските медиуми известуваат за ужасен тренд кој наводно се случува меѓу сиромашните селани кои живеат во близина на резерватот за тигри Pilibhit. Тие, наводно, ги праќаат постарите блиски и роднини во џунглата, за да станат плен на тигрите, за потоа да можат да изнудат компензација од владата.

Тактиката ја намирисаа официјалните лица од Бирото за контрола и криминал во дивиот свет, кои по истрагата на неколку различни локации во близина на резерватот, сфатиле дека зачестениот број напади не се чиста случајност. Во најновиот случај од 1-ви јули, на пример, во кој растргнатото тело на една 55-годишна жена беше најдено во поле близу селото, истражителите открија парчиња од нејзината облека на оддалеченост од 1 километар, токму во рамките на резерватот на тигрите. Притоа најдени се и тракторски траги кои водат до таа локација, што алудира дека телото било преместувано.

Знаеме дека звучи збунувачки, ама сé станува јасно кога ќе прочитате кои се условите за блиските на жртвите да добијат отштета од владата. Имено, тигрите во резерватот имаат неограничена слобода на движење, а условот за добивање на парична компнезација, и тоа прилично солидна за нивните услови, е исполнет само ако нападот се случи надвор од резерватот. Во спротивно, ако луѓето се тие што залутале на територијата на тигрите, секој напад се смета за човечка одговорност и нема основа за добивање отштета.

Па така, по невообичаено високиот број на пријави за напади од тигри врз постари луѓе од блиските села – седум смртни случаи од февруари наваму – официјалните лица почнаа да се сомневаат дека можеби локалните жители се обидуваат да го измамат системот и да изнудат парична компензација.

Што се однесува до конкретниот случај, веројатното сценарио е дека жената била однесена со трактор во џунглата за да биде убиена од тигри, а потоа телото било преместено во близина на селото, надвор од резерватот.

На крајот истрагата вроди со доволно докази, по што следеа обвиненија за локалните жители – дека намерно ги праќаат постарите членови од нивните заедници да бидат распарани од дивите животни во џунглата. Селаните, од друга страна, не ги порекнаа обвинувањата; напротив, се правдаа со тоа дека жртвите сами волонтирале да се откажат од своите животи, за нивните семејства да имаат подобар живот.

„Не можат да ги користат ресурсите од шумата, па мислат дека ова е единствениот начин нивните семејства да излезат од сиромаштијата“, вели еден 60-годишен индиски фармер за The Times of India.

Ете, уште еден пример што отвара еден куп филозофски прашања. Која е вистинската природа на човекот? Дали во суштина е добар, или е ѕвер? Дали моралот е вроден? Или е наметнат? Или можеби прашањето не е дали луѓето се морални, туку дали системот/сиромаштијата/животот/итн. им дозволува.

- Реклама -