Зошто тенисерите на Вимблдон се облечени исклучиво во бело?

Ако редовно следите тенис, можеби и сте забележале: на Вимблдон тенисерите секогаш се облечени речиси целосно во бело. Мораат. Такво е правилото на турнирот.

Дрес-кодот на Вимблдон е еден од најпознатите во спортот. Правилото е толку строго што судиите имаат право да ги принудат тенисерите да се пресоблечат, а во спротивно – да ги дисквалификуваат. Но од каде вакво правило?

Се верува дека потекнува од 1800-тите години, кога тенисот беше… снобовски спорт, игран главно на друштвени собиранки, и особено од жени. Во такви услови, глетката на дамки од пот на облеката во боја биле сметани за непристојност, за недолично однесување. Па, за да се избегне срамот, била присвоена праксата да се носи доминантно бела облека – оттаму и изразот „tennis white“ кој денес се користи за „чиста“ бела боја.

Првиот турнир на Вимблдон.

The All England Club (почнал како крикет клуб) – кој и денес е домаќин на Вимблдон, е основан во 1868 година, а го вовел тенисот на трева во 1875. Правилото за бела облека денес постои чисто затоа што клубот со многу страст ја негува традицијата… До тој степен што дрес-кодот на Вимблдон во последниве години се почитува уште построго. Во неодамна објавените „препораки“ за облеката на тенисерите на турнирот, на пример, беше истакнато и дека не се дозволени нијанси на бела, ниту крем боја, туку само бела. Исто така, ако на облеката има лента во боја, не смее да биде поширока од 1 сантиметар. „Долната“ облека, таа под главната, исто така не смее да биде видлива, „макар и како резултат на перспирација“ (потење). Со други зборови, дури и долната облека мора да е бела.

Многу славни тенисери налетаа на правилово, од погрешната страна. Во 2013-та, на Роже Федерер му беше кажано дека не смее да ги носи своите портокалови патики, бидејќи го прекршуваат дрес-кодот на The All England Club. Во 2002-та, Ана Курникова мораше да ги пресоблече црните шорцеви со пар бели, кои ги позајми од својот тренер. Дури и Андре Агаси, во раните години од својата кариера, целосно одбиваше да игра на Вимблдон, баш затоа што неговите препознатливи тексас шорцеви и шарените маици не беа дозволени на турнирот.

Дап, Андре Агаси во тексас шорцеви.

Вимблдон е инат и во неменувањето на некои други правила. Тоа е единствениот Гренд Слем кој сé уште се игра на трева, а и единствениот турнир кој наложува слободен ден во средната недела (денот) од турнирот.

Од друга страна, не дека е Вимблдон е тотално имун на промени. Во 2003-та го укина правилото тенисерите да се поклонуваат пред кралската ложа на централниот терен (правилото денес важи само ако присуствуваат кралицата или принцот на Велс). Исто така, во 2007 година, Вимблдон ги изедначи платите на мажите и жените. Правилото за бела облека сигурно барем минимално ги нервира тенисерите, но барем Вимблдон е во чекор со времето во другите, многу поважни аспекти.

- Реклама -