Млад пар. Вегани. Чуваат куче. Го ранат со месо…

Следниот опис ќе биде претерано екстремен, ама тек-тук познавате такви: Јадат вегетаријанска храна бидејќи ги сакаат животните. Дури и веганска. Рециклираат шишиња бидејќи ја чуваат планетата. Со презир гледаат на комшијата што вози џип и загадува. Во меѓувреме, чуваат големо куче, а кучето јаде месо…

Во реалноста, по малку (или малку повеќе) анализа, излегува дека кучето е подеднакво штетно како џипот.

Барем така звучи грубо сумиран заклучокот на новозеландските архитекти и еколози Роберт и Бренда Вејл. Нивната книга насловена „Време е да го изедеме кучето – Реален прирачник за одржлив живот“ ги разбранува духовите, најмногу кај буквалистите меѓу сопствениците на домашни миленици.

А што вели книгата? Двајцава архитекти фатиле да го пресметуваат еколошкиот товар на домашните миленици врз животната средина, и го споредуваат со товарот што потекнува од другите каприци на модерниот човек – како моќен џип, плазма телевизор или мобилен телефон.  Така гледано, излегува дека животните не се толку безопасни во однос на еко-футпринтот, кој според New Scientist станува сé почеста мерка за квалитетен стил на живот, но и трофеј за чаталење пред другите „помалку еколошки настроени“ солуѓе.

Освен што јадат доста храна, мачките и кучињата уништуваат и други животни од дивината во наша близина, шират болести, и придонесуваат за загадувањето на планетата, велат авторите. За да го измерат футпринтот на милениците, Новозеланѓаниве земале да ги анализираат состојките на најчесто купуваната храна за животни. Излегува дека, во просек, едно средно големо куче троши 90 грама месо во гранули и 156 грама житни производи на ден, ако се храни со препорачаната доза од 300-грама сува храна. За да се добие таа храна, потребни се 450 грама сирово месо и 260 грама житарки. На годишно ниво, тоа се 164 килограми месо и 95 килограми житни производи.

Според податоците на Бренда и Роберт,  за одгледување на 1 килограм пилешко месо годишно се потребни 43.3 квадратни метри земјиште. За одгледување на килограм говедско и јагнешко месо требаат уште повеќе. За производство на килограм житарици годишно, пак, е потребна површина од 13.4 метри квадратни. Значи, во просек, средно големото куче веќе има и буквален футпринт (отпечаток од шепа, во случајов) врз екологијата, голема 0.84 хектари. Футпринтот на германски овчар е уште поголем – 1.1 хектари.

Како што знаеме, еколошкиот отпечаток на еден човек се пресметува во таканаречени глобални хектари – мерка за тоа колку земјиште и воден простор се потребни за повторно да се произведат потрошените ресурси и да се неутрализира отпадот од останатите негови активности. Според последните податоци на Global Footprint Network, еколошкиот отпечаток на еден Американец (варира од земја до земја) е 9.4 глобални хектари. На нашиве простори е околу 2.5-3 глобални хектари.

Но, да продолжиме со пресметските. Еден џип – дуото Вејл за споредба користи 4.6-литарски Toyota Land Cruiser со скромна километража од 10.000 километри годишно, користи 55.1 гигаџули енергија. Овде е вклучена како енергијата за производство на џипот, така и за погонувањето на истиот. Еден хектар земјиште може да произведе околу 135 гигаџули енергија годишно, што значи дека еколошкиот отпечаток на џипот е околу 0.41 хектари. Што е помалку од 0.84 хектари – отпечатокот на едно средно големо куче.

Роберт и Бренда Вејл не се единствените кои доаѓаат до овој заклучок. „Да имаш куче во денешно време е рамно на екстравагантност – главно поради карбон-футпринтот на производството на месото кое така лакомо го јаде“, коментира за Џон Барет (од Институтот за животна средина во Јорк, Велика Британија) за New Scientist. И тој има направено пресметки за еколошкиот товар од домашните миленици, а и неговите речиси целосно се совпаѓаат со погоре изнесените бројки.

Роберт и Бренда не застануваат таму. Тие прават пресметки и за другите домашни миленици (и нивната храна). Излегува дека мачките имаат еко-футпринт од околу 0.15 хектари – нешто помалку од Volkswagen Golf. Хрчаците „коштаат“ 0.014 хектари; купете два и исто како да сте купиле плазма телевизор. Еколошкиот отпечаток на канаринец е половина од тој на хрчаците. Пресметан е и еко-футпринтот на златна рипка – за нејзиното чување се потребни 3.4 квадратни метри земјиште, т.е. колку два мобилни телефона.

Севкупно, еко-футпринтот на домашните миленици на планетата, според податоците на дуото Вејл, е 400.000 илјади квадратни километри (територија од еден и пол Нов Зеланд). Тоа се однесува само на топ 10-те држави со најмногу миленици. САД се предводници на листата – со 76 милиони мачки и 61 милион кучиња.

А освен тоа, милениците уништуваат и разни други видови животни кога излегуваат надвор. А фецесот, особено на мачките, е и вистински извор на зарази во урбаните средини (според истражување во Нешвил, Тенеси).

Од друга страна, други домашни миленици имаат многу помал еко-футпринт, „особено тие што служат за две цели“, вели Роберт. На пример, кокошките, кои донекаде го компензираат отпечатокот со тоа што несат јајца. Домашните зајаци исто така се „поеколошки“, во случај да ги јадете и да ви обезбедуваат месо; а можат да родат до 36 малечки годишно, што се 72 килограми месо.

Но чекајте, пред да почнете да фрлате со накострешени мачки и бесни кучиња по нас – дека пренесуваме, и по Роберт и Бренда Вејл – поради книгата, треба да се напомене дека тие воопшто не се залагаат за тоа да си ги изедете милениците.

Поентата им е: Не е проблем да чувате големо куче ако наоколу се движите со градски транспорт, не летате со авион и живеете во мала куќа. Проблем е кога секој решава дека треба да има голема кола, голема куќа, големо семејство и големо куче.

А нашата – е дека сé што правиме има импакт. Некогаш и поголем од тој на комшијата со џипот.

- Реклама -