Како се флерташе во берлинските ноќни клубови во 1920-та (пред да постои секстинг)

Фејсбук, Инстаграм, срценца, лајкови… Цело време слушаме: флертувањето и дејтањето денес не е како порано. Особено со апликации како Тиндер, додворувањето се префли на дистанца.

Ама секстингот (тука ги вклучуваме сите љубовџиски видови на електронско допишување), иако е трејдмарк на модерните друштвени апликации, не е така нов. Ај да се вратиме на почетоците на 1920-тите години, во два од најпопуларните ноќни клубови во Берлин.

И тогаш луѓето се срамеле да си пристапат лице во лице, а сепак сакале да исконтактираат со шармантниот господин/дама на другиот крај од клубот. И, што правеле? Користеле телефони и пневматски цевки за праќање пораки. Зборуваме конкретно за два ноќни клуба кои го развиле трендот – Resi и Femina.

Resi (исто така нарекуван и Residenz Casino) бил голем ноќен клуб со бенд во живо, подиум за танцување, и собирал 1.000 луѓе. Клубот имплементирал комплексен систем од телефони, но и пневматски цевки кои овозможувале анонимно флертување помеѓу комплетно непознати лица. Според Chicago Tribune, Resi имал спектакуларна фонтана со „танцувачки воден балет“ – симфонија од светла во боја и вода што паѓа според музиката. Сепак, пишува весникот, главната атракција биле токму телефоните и цевките.

На секоја маса имало телефон, а над неа осветлен број. Сите што биле сингл, а не планирале така да заминат од клубот, едноставно требало да ја изберат метата и да го завртат бројот над масата каде што седи тој што им фатил око. Тhe Berliner Herold има опишано како изгледал контактот преку телефон во берлински ноќен клуб: „телефонот на масата кратко ѕвони, и контактот со блондинката, црвенокосата или темнокосата дама е остварен. Тој (јавувачот) веќе не е сам, и му е двојно позабавно“.

Сличен систем имало и во Femina, кој бил уште поголем од Resi. Имал сепариња за повеќе од 2.000 гости, два големи и еден помал бар, три оркестри, „хидрауличен“ подиум за танц (со фонтани), и над 225 маси со телефони заедно со упатство на германски и англиски.

А, како што спомнавме и погоре, за тие што биле срамежливи да се јават на телефон, совршена алтернатива биле пневматските цевки за испраќање на пишани пораки.

Цевките биле имплементирани во држачите на скалите, а и под секоја маса. Ноќниот клуб секогаш обезбедувал хартија и пенкало, а пишувачот на пораката единствено требало да назначи каде сака да биде пратена. Исто како на дејтинг апликација, ама со цевки наместо со интернет.

Низ овие цевки минувале мошне провокативни пораки. Додуша додворувачите во Resi требало да внимаваат – пораките пратени низ цевките поминувале на проверка и филтрирање низ рацете на жени-цензори во посебната соба за контрола на цевките. Тие биле нешто како денешни модератори на форум.

Системот со пневматски цевки постоел со декади, а на Американците кои го посетувале Берлин по Втората светска војна им бил посебно драг. За него пишува John Lawton (сирак од ВСВ) во својата книга „Then We Take Berlin“. Пишува и Ian McEwan во новелата „The Innocent“; главниот протагонист посетува фиктивна верзија на Resi, и наоѓа памфлет на кој клубот се фали со своите телефони и својот „Pneumatic-Table-Mail-Service, кој секоја вечер праќа илјадници писма и мали подароци од еден посетител до друг“. Телефонскиот систем се спомнува во филмот „Кабаре“.

Да, пневматскиот систем од цевки не бил само за пишани пораки. Resi нудел и долго мени на подароци кои гостите можеле да ги испратат до својата „мета“. Меѓу нив: шишенца парфеми, ножици за пури, билети за патување, а според некои извори – и кокаин.

Па ете, да не мрчиме веќе дека апликациите (како главен кривец) го упропастиле дејтингот. Да не беа смартфоните, ќе користевме цевки. Или ќе се вратевме на она шепни-му-на-другар-ти-да-ѝ-шепне-на-другарка-ѝ-да-ѝ-шепне-неа-дека-ти-се-свиѓа. Во меѓувреме, храброста, како и секогаш, останува наједноставната опција.

- Реклама -