Како амстердамскиот аеродром се бори со бучавата од авионите

Амстердамскиот аеродром Схипхол, лоциран на само 9 километри југоисточно од градот, е третиот најпрометен аеродром во Европа, и еден од најпрометните во светот. Во просек, годишно низ него поминуваат повеќе од 63 милиони патници. Тоа се отприлика 479.000 летови, до разни интернационални дестинации. Дневно, тоа значи околу 1.300 летови, т.е. речиси по еден лет на секоја минута. Штом е така прометен, тоа значи дека Схипхол е и многу гласен.

Кога холандската армија ја изградила првата писта во 1916-та година, ја избрале оваа локација во Haarlemmermeer бидејќи се работело за рамнина која некогаш била корито на езеро, и уште поважно, опкружена со ридови кои би спречиле евентуално поплавување. Како минуваа декадите, регионот Haarlemmermeer стана едно од најгусто населените области во земјата. Буката од авионите и аеродромот, од друга страна, стана голем проблем за жителите.

Схипхол денес.

Со години и години жителите се жалеа на константната „земјотресна“ бучава (длабок резонантен звук) која се јавува секогаш кога ќе полета авион. Овој тип на бучава, наречен ground-level noise, особено лесно се ширеше низ рамништето на Haarlemmermeer, бидејќи немаше никакви теренски карактеристики – ни ридови, ни долини – што би го попречиле патот на звучните бранови до станбените населби. Кога во 2003-та година аеродромот ја пушти во употреба и најдолгата писта, жителите можеа да го слушнат тој звук на оддалеченост и од 28 километри.

За да го реши проблемот со бучавата, аеродромот ангажираше чудни помошници – landscape уметникот Пол де Корт, и архитектонска фирма која се бави со терен и пејзажи – H+N+S Landscape Architects.

Идејата да се ангажира landscape уметник за решавање на технички проблем се родила случајно. Во 2008-ма, по неуспешен обид за контрола на бучавата, официјалните лица на аеродромот открија дека по сезонското орање на плодната почва меѓу пистата и населените места, бучавата се намали.

Па така, Пол де Корт ископа серија од ровови и бедеми, кои ги постави на југоисточната страна, веднаш до работ на пистата. Растојанието меѓу секој од „ридовите“ е отприлика еквивалентно на брановата должина на бучавата од аеродромот, која изнесува околу 11 метри. Вкупно се поставени (или поточно, моделирани) 150 перфектно прави и симетрични ровови, меѓусебно разделени со речиси 2 метра високи ридови. Според официјалните мерења, оваа прилично едноставна модификација на теренот ја намали бучавата за повеќе од половина.

Пред и после.

Пол Де Корт својата „инспирација“ ја извлекол од германскиот физичар и музичар од 18-тиот век – Ернст Хладни (Ernst Chladni), чии истражувања во полето на физиката на звукот ги поставија темелите за модерната акустика. Затоа и често е нарекуван „татко на акустиката“. Во еден од неговите најпознати експерименти, Хладни попрскал сол/песок врз вибрирачка метална плоча. Забележал дека вибрацијата ги предизвикува зрната да се подредат во специфичен геометриски шаблон. Денес ги викаме Хладниеви фигури и Хладниева плоча, соодветно. Нешто вака:

Што се однесува до теренската изведба на Пол де Корт околу амстердамскиот аеродром, со тек на време таа е претворена во 36-хектарски парк (наречен Buitenschot). Прошаран е со пешачки, па дури и велосипедска патека.

Схипхол пак, продолжува со обидите да ја намали бучавата уште повеќе, пред сé со измени во распоредот на полетување на одредени авиони, како и со инсистирање кон авиокомпаниите да ги „апдејтираат“ своите флоти со понови модели. Планот е да се намали бучавата за до 10 децибели.

- Реклама -