Зошто немаме најдено вонземјани? 8 теории

Активната потрага по вонземска интелигенција, и пред сé мислиме на системот SETI (Search for Extraterrestrial Intelligence), се одвива веќе пола век. До ден денес не се детектирани никакви вонземски сигнали од ѕвездените системи.

Еве неколку популарни теории околу тоа зошто нашата потрага може да се покаже залудна.

Ретка планета

Во основа, ние сме уникат. Хипотезата Rare Earth аргументира дека планетите со комплексен живот, како Земјата, се екстремно ретки, и дека интелигентниот вонземски живот е многу малку веројатен. Оттаму, нема други како нас.

Хипотезата „Gaian bottleneck“

Не можеме да најдеме вонземјани бидејќи не преживеале. Хипотезата „Gaian bottleneck“ на астробиологот Адитја Чопра, сугерира дека сите вонземски суштества се мртви – едноставно не преживеале. Формите на живот на другите „населиви“ планети не успеале да се развијат доволно брзо за да ја стабилизираат планетата и да го поплочат патот до повеќе форми на живот.

Големиот филтер

Земјата поминала низ „Големиот филтер“ – пет масовни настани на исчезнување и истребување на животот – но сепак еволуирала комплексни суштества. Што ако сите „населиви“ планети биле удрени од астероиди „убијци“, биле спржени од соларни ерупции, распарчени од геолошки дисрупции на површината, изгорени и очистени од експлозии на супернова или озрачени со радијација од гама зраци, а само Земјата успешно се провлекла низ пречките?

Големата тишина

Не сме стапиле во контакт со вонземјани бидејќи, кратко речено, не вредиме. Хипотезата за „Големата тишина“ вели дека напредните суштества кои припаѓаат на третиот тип на цивилизации на скалата на Кардашев, кои се способни да го користат енергетскиот аутпут на целата галаксија, едноставно немаат потреба да посегнат кон контакт со безначајна форма на живот – базирана на јаглерод. Зошто би се замарале со тип 0 двоношци?

Кој рано рани…

Земјата имала предност на стартот во трката. Во една студија, Peter Behroozi вели дека во споредба со сите планети што ќе се оформат во универзумот, Земјата прилично поранила – е меѓу првите. Последната ѕвезда ќе согори 100 трилиони години од сега, а 92% од планетите допрва ќе се родат. Ние сме првите, ама не значи дека сме и последните.

Не знаеме што бараме

Прашање што веројатно многумина си го поставуваат од рана младост, да не речеме од деца: Што ако вонземските форми на живот не се ништо слично на нас, и воопшто не се биолошки суштества? Астрономот Lord Martin Rees вели дека може да се машини, а не органски суштества. Па, според него, наместо да слушаме радио сигнали, треба да трагаме по нејаглеродни структури кои собираат соларна енергија.

Допрва сме на почеток

Накратко, ни претстои долг пат и уште многу истражување. SETI одвај да загребува по површината на радио универзумот – има уште многу други бранови должини за скенирање, и не треба да се предаваме.

Си беше еднаш во една далечна галаксија…

Растојанието до границата до која можеме да го опсервираме универзумот е 46.5 милијарди светлосни години (тоа е многу, многу далеку). Имаме скенирано за вонземски сигнали до точката од 40.000 светлосни години од Земјата, а дури ги имаме надминато и границите на нашата галаксија, која е 100.000 светлосни години широка. Вонземската интелигенција може да е едноставно предалеку за нашата моментална технологија да може да ги достигне и контактира.

- Реклама -