Зошто Германците мразат војска

Љубовта меѓу ЕУ и САД сериозно распука кога Доналд Трамп рече дека НАТО е застарена организација. Откако ги повлече САД и од Париската климатска спогодба, на љубовта ѝ дојде крајот. Тогаш Ангела Меркел, поддржана од Емануел Макрон, рече дека во иднина ЕУ ќе мора да се потпре самата на себе.

За разлика од Франција, која има моќна и модерна војска, со Германија ситуацијата е многу поразлична. Во својата анализа, BBC тргнува од своите позиции кон ЕУ, и ги поставува нештата така што станува јасно дека Германија има причини да се чувствува небезбедно. Меѓу Путин на исток, сложената ситуација на Блискиот Исток, и покажувањето мускули во Азија, „ние мораме да се бориме за својата безбедност како Европјани“, рече Меркел во мај. Меркел вети дека ќе го зголеми германското трошење на војската, само што… со Германците тоа не оди така лесно.

Оваа нација традиционално наследила дел од воениот дух на Прусија. А тогаш дојде Втората светска војна и Германија беше уништена. Оттогаш малку кој во таа земја си го допушта луксузот да заборави како завршија воените игри на нацистите и Адолф Хитлер. Делумно, тој дух го продолжи Источна Германија. Но по окупацијата од Велика Британија, Франција и САД, Западна Германија беше темелно пацифицирана.

Bundeswehr (германската армија) е основана дури една деценија по Втората светска војна, и тоа намерно организирана како многу скромна воена сила, замислена исклучиво за одбрана на територијата на Западна Германија. Воените регрути се доживуваа како граѓани во униформа, а самата униформа беше послична на онаа на возачите на автобуси, отколку на таа од дотогашните воени времиња. BBC се повикува на зборовите на историчарот James Sheehan, според кој модерна Германија својата војска ја доживува многу слично како своите полициски сили.

И не е само историскиот срам од нацистичките злосторства, туку и поради страдањето на германските цивили. Вернер Кретшчел – протестантски пастор од старо пруско семејство, воен капелан, објасни дека се работи за колективното сеќавање на „растењето без татко“. Дури и ден денес, кога ќе се начнат некои воени теми, кај Германците се буди специфична „внатрешна реакција“.

Колку Германците се огорчени од војската покажува тоа што многу долго, со години, германските војници имаа проблем кога во униформи се возеа во воз. „Им приоѓаа патници и ги нарекуваа ‘убијци’“, вели воената експертка Софија Беш од Центарот за европски реформи. А потоа се случи обединувањето, и новата германска нација беше уверена дека од тој момент вечно ќе владее мир. Германците беа тотално пацифицирани, и веќе не се ни криеја сите начини на кои се избегнуваше воениот рок.

И така Германија дојде до времето кога Bundeswehr прво многу срамежливо и без оружје, потоа со оружје – но исклучиво набљудувачки, па на крајот конечно и со конкретни офанзивни задачи, почна да праќа војници во воени мисии низ светот. Така дојде и до 2009-та и до скандалот со заташкување на бомбардирањата во Авганистан, во кои учествуваше и германската армија, а во кои страдаа и цивили. Франц Јозеф Јунг мораше да поднесе оставка од функцијата министер за одбрана.

И додека некои други нации без срам и перде зборуваа за „колатерална штета“ меѓу цивилите, дури и кога жртвите броеја илјадници, во Германија скандалот темелно го потресе и самиот Бундестаг. Дури и ако германската војска ги преживееше критиките кон своите надворешни воени операции, следеа низа скандали; на пример, протекуваа фотографии од германски војници во Авганистан сликани со черепи. Во неколку наврати се посрамија и центрите за обука на војници, поради злоставување на регрутите.

Згора на тоа, пред само неколку месеци се случи и еден професионален војник – Франко А., да планира бомбашки терористички напад, и тоа од екстремно десни мотиви, како терорист од неонацистичките редови. Имал намера да се преправа дека е сириски бегалец, за што фалсификувал и документи и се пријавил како сириски барател на азил. Преку низа од безбедносни пропусти, и можеби со помош од страна, на крајот за малку и ќе успееше.

Тоа би ѝ паднало тешко дури и на целосно милитаризирана нација. Во Германија тој скандал за малку ја урна министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен. Дури пред неколку дена Ангела Меркел ја „подзакрпи“ приказната, користејќи го својот авторитет за да застане во одбрана на министерката, но истовремено признавајќи дека „во последно време имаше мноштво скандали во Bundeswehr-от кои заслужија критика“. И токму во таква атмосфера дојде времето за целосното соочување со вистинската природа на Доналд Трамп.

Уредникот на Frankfurter Allgemeine Zeitung – Бетолд Келер, тогаш отиде дотаму што предложи Германија да развие сопствен нуклеарен арсенал. Но таквата идеја за мноштвото Германци е неприфатлива до степен на незамисливо. Ангела Меркел можеби навистина ќе проба да изгради германска воена сила, но таа нација просто веќе не ја сака војската.

Таквиот став е и една од причините што Германија на војската троши само 1.2% од бруто домашниот производ. На вежбите на НАТО дури се случувало и на германските оклопни возила да нема митралези – наместо тоа бојат рачки од метли со црна боја и ги ставаат да глумат оружје на моќните хермелини. И колку и да располага со технологии од кои заработува милијарди на оружјето кое го произведува и продава по целиот свет, германската нација својата доминација ја гради со економска, а не со воена сила.

- Реклама -