Синот на Ескобар: За татко ми, кој ми покажа по кој пат не смеам да одам

Во благодарноста на кориците на книгата на Себастијан Марокин има само една реченица: „За мојот татко, кој ми покажа по кој пат не смеам да одам“. Тоа е веројатно и најголемиот комплимент кој можел да му го упати на својот татко.

Марокин не за џабе молчеше повеќе од две децении по убиството на неговиот татко во 1993 година – легендарниот колумбиски крал на дрогата Пабло Ескобар. Еден од најбогатите и најмоќните криминалци во историјата, Ескобар држеше 80% од светскиот пазар на кокаин, а само во САД дневно шверцуваше по 15 тона. Приказните за тоа колку бил богат се граничат со фикција, а најпознатата е таа кога запалил два милиона долара за да ја згрее ќерка му додека биле во бегство.

По неговата смрт, неговото семејство беше присилено да ја напушти Колумбија, заради сопствената безбедност. Марокин, инаку роден како Хуан Пабло Ескобар, тајно живеел во Буенос Аирес под ново име – Себастијан Марокин. Првите 17 години во анонимност, Марокин пред сé ги поминал во опоравување од животот со татко му. Денес има 39 години и тешко се помирува со две нешта: љубовта кон татко му, но и омразата кон сето од него направено. За своите посветена мајка, за другите полош од маќеа; најдобро речено – касап. Своето семејство го опсипувал со љубов и невиден луксуз, а меѓу сиромашните Колумбијци, особено од неговиот град Меделин, изгради имиџ на колумбиски Робин Худ кој земаше од богатите и им даваше нив.

Неодамна излезе и англискиот превод на книгата на Марокин: „Мојот татко, Пабло Ескобар“, во очи на продолжението на биографската серија Narcos, со која Ескобар на голема врата се врати од заборав, особено изразит откако падна неговиот Меделин картел. За потребите на книгата и подетално истражување, Марокин морал да се врати во Колумбија. На новинарот на CNN му раскажува како многу лесно можел да стане „Пабло 2.0“, но сфатил што сé го чинел таквиот живот. „Не бевме слободни, секогаш се криевме. Имавме милиони, а не можевме да излеземе надвор и да си купиме нешто за јадење“, раскажува Марокин.

А пораснат е на големата хациенда Napoles со 27 вештачки езера, базени, три зоолошки градини со егзотични животни, аеродром, сопствена бензинска и 1.700 вработени. Кога имал 11 години, Марокин веќе имал свои 30 мотори, 30 водени скутери и картинг-колички. Две години подоцна добил и своја куќа со две огромни соби и футуристички бар.

Од другата страна е сликата што Марокин засекогаш ќе ја има за својот татко – таа на нежен родител кој секоја вечер му пеел пред спиење. Совршеноста на таа слика почнала да избледува во 1984 година, кога Пабло Јуниор дознава дека убиството на тогашниот колумбиски министер за правосудство Родриго Лара Бониле, извршено истата година, е нарачано токму од татко му. Бониле започна многу агресивна кампања против дрогата и наркокартелите и мораше да биде елиминиран, но истата таа година тоа му донесе на Ескобар клоца од колумбискиот парламент, уништувајќи му ги надежите еден ден да стане претседател на Колумбија. Следните неколку години водеше крвава војна против владите, нарачувајќи и организирајќи низа атентати на државни службеници и терористички напади, вклучително и нападот со бомба на авионот на  Avianca Airlines, при кој загинаа 110 луѓе.

Марокин раскажува како тој и неговата мајка многу пати се обидувале да го наговорат Ескобар да прекине да се бави со таа „професија“, но Пабло го обожавал својот живот на бандит. „Воопшто немаше намера да го промени својот живот“. Од друга страна, „никогаш не се обиде да ме наговори да се бавам со истата работа како и тој“, додава Марокин. „Ми рече дека ако сакам да бидам доктор ќе ми ги купи најдобрите болници. Мислам дека никогаш не ни сакаше да појдам по неговите стапки“.

Наследсвото, пред сé нематеријалното, од неговиот татко го прогонувало долго и додека живеел во Буенос Аирес и работел како архитект и писател. Во Колумбија прв пат се вратил во 2008 година, со телохранители и во блиндиран автомобил. Дошол за да го запознае синот на министерот Бониле и трите сина на Карлос Луиза Галана – уште еден политичар и претседателски кандидат чие убиство го нарача Ескобар. „Како ќе напишете писмо до семејство кое вашиот татко толку многу го повредил? Како воопшто ќе започнете разговор?“, прашува Марокин и токму тоа е првата реченица во писмото што го испраќа до жртвите на неговиот татко. При средбата со нив, тие истакнале дека сите заедно се жртви на Пабло Ескобар, вклучувајќи го и Марокин, неговиот син.

Марокин последен пат разговарал со татко му на 2 декември 1993 година. Обично не разговарале долго бидејќи Пабло Ескобар знаел дека го бараат и прислушкуваат и се плашел дека ќе му ја лоцираат трагата. Но, тој последен пат како да не му било гајле. Како да знаел дека е готово. На половина од разговорот, му рекол на Марокин дека мора да прекине и дека ќе му се јави. Неколку минути подоцна, телефонот заѕвонил, но не бил татко му, туку полицијата за да го извести дека татко му е убиен во престрелката во Меделин.

Во книгата Марокин открива еден важен детал околу таа ситуација. Многу долго пред да биде убиен, во една прилика татко му му ветил дека ако дојде до тоа, од 15-те куршуми во својот Sig Sauer 14 ќе испука во непријателите, а последниот ќе го чува за себе. Марокин го проучил извештајот од аутопсијата и фотографиите од местото каде е убиен татко му. Glock-от на Ескобар бил на своето место, недопрен, но неговиот Sig Sauer лежел во близина на неговото тело, со очигледни траги од пукање. Марокин е уверен дека токму татко му е тој што го испукал фаталниот куршум во своето десно уво – точно таму каде што му ветил на својот син дека ќе го испука.

Прочитајте и: Обичниот живот на Пабло Ескобар

- Реклама -