Животот на еден опсесивен собирач на ѓубре

Во рускиот роман „Мртви души“ на Николај Гогољ, еден од ликовите – Плошкин, го поминува целото време во потрага по отпад кој би го донел во својата веќе хаотична куќа. Плошкинов или Диогенов синдром, или просто hoarding – е збир од опсесивно-компулсивни однесувања, окарактеризирани низ претерано собирање безвредни предмети, повлекување од друштвениот живот и себе-запуштеност, кои обично ги погодуваат луѓето преку 60 години.

Во интервју за Le Figaro во 2016-та, доктор Жан Клод Монфорт – невролог и специјалист за оваа област, објаснува дека пореметувањето често е предизвикано од „трауматичен настан кој се случил уште во раното детство“, и како состојба слична на шизофренијата или Алцхајмеровата болест.

Фотографот Арнауд Чочон поминал година дена документирајќи го дневниот живот на Жан – 60-годишен Французин кому му е дијагностициран Плошкинов синдром. Работата на Чочон редовно се фокусира на тешките човечки приказни, а кога се сретнале со Жан веднаш знаел дека неговата приказна е значајна. Но тоа не значи дека Жан го дочекал со раширени раце.

„Беше многу тешко да му пријдам“, вели Арнауд. „Морав да ја стекнам неговата доверба. Имавме неколку долги разговори на улица пред конечно да ме пушти во својот дом. Ама на крајот се зближивме“.

Секоја вечер во исто време Жан ги лута улиците, секогаш има иста рута, во потрага по тоа што најмногу го интересира: пред сé храна за да се прехрани, и книги и весници за да ја засити својата глад за знаење. Но собира и секакви видови предмети, без оглед дали имаат или немаат некаква употреблива вредност.

Неговиот начин на живот е необичен, но тој има своја сопствена логика која го разликува од останатите, раскажува Чочон. На пример, води сметка за животната средина; ја суши храната која ја носи дома од канта, за да (ѝ) го смали волуменот на отпадот и ѓубреџиите да можат да работат поефикасно. Спие врз весници на креветот“.

Жан вели дека неговиот „интерес за кантите“ почнал во 1995-та, многу пред да ја напушти работата како градежен техничар во 2002 година. „Еден ден видов кобасици врз една канта“, му раскажува на Чочон. „Ги земав и ги понесов со себе. Му ги дадов на татко ми, кој навистина уживаше во нив. Наоѓањето на разни предмети во текот на целиот ден беше многу позабавно отколку работењето на таа глупа работа во канцеларијата“. Жан сега живее од тоа што ќе го пронајде, и од нешто наследство од семејните пари.

„Многу е културен и начитан“, вели Арнауд. „Се сеќава на сé што прочитал или слушнал на радио, и редовно оди на изложби и конференции. Поминуваме доста време во разговор за историја и моменталните случувања. Но тој одвај да комуницира со луѓе“.

Еднаш годишно, Жан е принуден да има контакт со луѓе. Заради здравствени и безбедносни причини, градскиот совет инсистира на тоа да изнајми компанија за чистење која еднаш годишно ќе направи проверка на неговиот стан и ќе го исчисти – услуга за која мора да плати самиот Жан. „Кога тоа се случува, Жан се труди своите највредни предмети да ги тргне на страна и да ги сочува своите книги и весници“, раскажува Арнауд.

Во текот на таа дводневна интервенција, се фрла сé што Жан собирал цела година. Тоа е тежок момент за него. „Бев таму во текот на тие денови, и беше многу тензично. Жан се труди најдобро што умее да ги сочува повеќето нешта, ама тешко му оди против четворица луѓе дојдени да му го испразнат станот“.

А штом чистачите ќе излезат, Жан се враќа на градските улици со истата цел како и секогаш – да ја наполни куќата со купишта храна, весници и другите нешта што ќе ги пронајде.

- Реклама -