Царов си направил дејтинг апликација само за себе

Шед Симов е цар. Шед Симов одлучил да се проба во светот на онлајн дејтингот, ама по сé изгледа му се смачило да биде одбиван. По сé изгледа, му се смачило до степен што одбивањето на Шед Симов не сака да постои ни како опција. Па си направил дејтинг апликација налик на Tinder – неговата се вика Shinder, по авторот – со тоа што единствената разлика е што преку оваа апликација можете да се спанџате само со него.

Шиндер: Квалитет, а не квантитет.

Откако апликацијата е пуштена во употреба, Шед се има мечувано (match-увано) со едно 150 девојки, и има отидено на три дејта. Тоа може не е добар резултат за писател, мотивационен говорник и дизајнер на +18 играчки како него, ама хеј, има 0% на одбивања. Башка, 100% од совпаѓањата му се со девојки, бидејќи апликацијата уште во сам старт ве сече ако сте маж и се обидувате да го контактирате. Во таков случај, ќе ви стигне вакво известување:

„Фала бро, ама за жал Шед е потполно хетеросексуален во моментов…“

Која ладноќа, која кулоќа, нели? Убаво вика Vice, апликацијава треба да се вика Шредер, а не Шиндер.

Патем, освен генијалната идеја, интересно е што поради апликацијата е во финансиски проблеми до гуша. Tinder го тужи поради името на апликацијата (иако во суштина само се римуваат). Истовремено, му стигнало писмо и од компанијата Schindler  која се бави со производство на лифтови, во кое го молат да се обврзе дека никогаш нема да влезе во нивниот бизнис со тоа име.

Шед не само што нема намера да работи со лифтови, туку не смета ни дека е опасност за гигант каков што е Tinder.

„Мислам дека шансите женската популација да престане во целост да користи Tinder и да прејде на Shinder се многу мали“, вели човекот-дејтинг-апликација.

Сега бара начини како да собере пари за правно да ја заштити својата апликација од технолошките џинови. Ваква царштина како него не веруваме да има проблеми со тоа, под услов да ја користи оригиналната платформа за фундирање Kickstarter, а не некаков Shinstarter.

- Реклама -