Проблеми што ги имаат само мултимилионерите

Тежок е животот, ама уште потежок е милионерскиот. Еве, прочитајте и уверете се. Па да ве видиме после дали сакате да бидете богати.

Не можеш да го купиш омиленото Ферари 

Кога покојниот мултимилионер Престон Хен – изгорен обожавател на автомобили и автомобилски спортови, сакал да го додаде во својата колекција и моделот LaFerrari Spider, наишол на поразителна пречка.

Имено, клиентите не можат туку така да го купат Ферари-то од 1.4 милиони долари. Освен парите, ти треба и покана од компанијата. Јеп, Хен сакал да влезе на приватна журка без покана. Па компанијата го одбила неговото барање за купување на автомобилот.

Ама Хен сметал дека заслужува покана за журката. Ѝ пишал писмо на компанијата – во кое го оспорува одбивањето, објаснувајќи дека е колекционер и дека претходно има купено 18 модели на Ферари. Паралелно со приговорот, додава и чек од милион долари.

Не може, велат од Ферари и му го враќаат чекот.

И тогаш, што му останува на еден корпосан мултимилионер освен да тужи? Во тужбата тешка 75.000 долари, навел дека Ферари му ја оштетиле репутацијата на колекционер. По извесно време, од свои лични причини, Хен се откажува од случајот.

Треба да пазиш кај ја паркираш јахтата

Коосновачот на Microsoft – Пол Ален, во 2016-та го имаше по вести зашто кога ја паркирал својата 90-метарска јахта MV Tatoosh, со сидрото оштетил над 80% од коралниот гребен во близина на Кајманските Острови.

Ален, кој за тоа време не бил на јахтата, се бранеше дека е невозможно да се утврди дали вината за уништувањето на гребенот е „на неговата јахта“ или коралите биле оштетени и претходно/или од други причини. На крајот се договори со Кајманските Острови да го обнови гребенот и да ја компензира штетата со непозната сума пари.

Те гњават околу џепарлакот кога поминуваш граница

Пред некое време, јужноафриканскиот милијардер Кристо Визе заглавува во непријатна ситуација при минувањето низ проверката на лондонски аеродром.

Цариниците му наоѓаат 1 милион долари во кеш во багажот. Бидејќи износот (благо речено) ја надминува законски дозволената сума, парите му се конфискувани.

Што имаше да каже Визе во своја одбрана? Дека е милијардер и дека милионот долари му биле за џепарац. Сé е релативно, рекол Ајнштајн, притоа непретпоставувајќи дека цариниците и судот еден ден на богат Јужноафриканец ќе му речат: „Ах, господине, извинете за вознемирувањето. Тоа е одличен аргумент, еве ви ги парите назад“.

- Реклама -