Кога Фејсбук мисли дека сте депресивни

Пишува: Кари Пол, за Vice

Пролетта 2016-та западнав во депресија која малку фалеше да заврши со нервен слом. Денес – по повеќе од година дена, три лекари, два антидепресива и еден терапевт – Фејсбук не ми дозволува да го заборавам тоа.

Менталната болест е дел од мојот живот откако знам за себе – толку долго, всушност, што мислев дека е нормално. Првиот напад на депресија го доживеав во средно, а прв пат почнав да се лечам на колеџ. Оттогаш добив дијагноза „тешко депресивно пореметување“, „општо пореметување на анксиозност“ и „предменструално дисфорично пореметување“, но со години не верував целосно во ниту една од тие болести. Откако на кратко пробав да земам Zoloft и не почувствував некое поголемо подобрување, одлучив дека промените на расположението и постојаното присуство на општо чувство на длабока тага се само составни делови од мојата личност со кои морам да се помирам. Прејдов на „природен“ пристап во четврта година од студиите: потполно престанав да земам селективни инхибитори и преминав на серотонин, антибеби пилули и апчиња за спиење. Се впуштив во нешто што денес би го споредила со бавно давење, а тогаш не бев ни свесна. Бидејќи никогаш всушност не почувствував подобрување на Zoloft, будењето со благо чувство на желба за умирање практично беше моја неутрална состојба – но тоа не значи дека беше нормално или дури и одржливо. Конечно си ја чукнав главата во ѕид во март 2016 година, кога професионалните предизвици – во комбинација со мојата вообичаена сезонска депресија, тешка физичка повреда и повеќекратни проблеми во врската – конечно ме потопија до крај. Со недели се будев секој ден офкајќи. Ме болеше целото тело и не можев да станам од кревет. Доживував напади на паника штом ќе излезев од дома, и мислев дека ме следат непознати луѓе.

Накратко, се чувствував вистински луда. Паранојата и чувството на празнина конечно станаа неиздржливи и јас одлучив да побарам помош, му се јавив на еден терапевт и со треперлив глас се распрашав за ценовникот за сесиите. Некаде во тој период почнав да ги гледам првите спонзорирани реклами за анксиозност на Фејсбук и Инстаграм. Рекламите почнаа да се појавуваат прилично неупадливо: апликација за медитација која може да помогне при анксиозност во друштво – а веројатно таргетираше многу луѓе во мојата демографска и генерациска група. Но како што продолжив со лекувањето, рекламите стануваа сé поконкретни и понападни, често зголемувајќи ја мојата збунетост околу сопствената состојба додека се борев сé тоа да го прифатам. На наговор на мојата терапевтка, која ми рече дека многу ретко советува земање лекови но смета дека во мојот случај се неопходни, конечно отидов кај доктор. Бидејќи имав негативно искуство со Zoloft, побарав некој друг вид антидепресив (Velbutrin) и го добив на рецепт. Паралелно со терапијата и пријатните временски услови тоа лето, лековите почнаа да делуваат (или барем така мислев). Почнав да забележувам благо подобрување, чувствував дека имам поголема контрола над сопствениот живот, почнав редовно да вежбам и добив нова работа. Сепак, рекламите за депресија и анксиозност и понатаму беа упорни, обично со ритам од една или две неделно.

Фејсбук се служи со информации – вклучувајќи ги местата на кои се чекирате, страниците кои вие и вашите пријатели ги лајкувате, историјата на пребарување и информациите кои ги собрале компаниите за обработка на податоци – како што е купувањето во малопродажни објекти – за рекламите да ги направи „покорисни и порелевантни за вас“. Оваа недела, откако The Australian објави дека Фејсбук таргетирал депресивни тинејџери врз основа на протечен документ од 23 страни во кој се вели дека друштвените мрежи можат да препознаат „моменти кога на младите луѓе им е потребна поддршка и самодоверба“, Фејсбук издаде соопштение во кое објаснува дека иако ја надгледува емотивната состојба на своите корисници, на огласувачите не им дозволува да ги таргетираат врз основа на тие информации.

Како новинарка која истражува сé, од интернет политика до берза и Кајли Џенер, тешко ми е да проценам зошто точно ги гледам рекламите кои ги гледам. Некаде во периодот кога почнав да ги гледам овие конкретно, интервјуирав авторка на Vice за нејзината криза. Со целата хаотична мрежа од онлајн податоци кои се чуваат за нас, тешко е да се каже дали повеќекратното постирање на „So Sad Today“ (рубрика на Vice), гуглањето на моите сопствени симптоми на депресија (и кликање на страниците поврзани со нив) или купувањето на бројни витамини поврзани со менталното здравје на Amazon доведоа до поплава од реклами за ментално здравје кои останаа и до ден денешен. Но, лесно може да се рече дека ефектот од сето тоа врз моето ментално здравје многу веројатно беше негативен.

„Корисничкото искуство на Фејсбук и неговата употреба имаат огромно влијание на нашето ментално здравје и благосостојба“, изјави Емилио Ферара – научен соработник на Отсекот за компјутерска наука на Универзитетот на Јужна Каролина, кој ги проучува друштвените мрежи. „Изложеноста на тие пораки не е лесно проучива материја, бидејќи истражувачите тешко доаѓаат до пристап до податоците за тоа кои реклами луѓето ги гледаат и добиваат. Компаниите нерадо ги откриваат тие информации, затоа што тоа е тајната состојка на нивниот бизнис модел“.

Според тврдењата на мојата терапевтка, рекламите најверојатно ме прават уште подепресивна – особено кога стануваат сé поконкретни. Кога дојде минатата зима, депресијата речиси во целост ми се врати и јас сфатив дека лековите можеби не се така функционални како што мислев. Со новата работа и новото здравствено осигурување, конечно побарав помош од вистински психијатриски професионалец и тоа ми вроди со плод. Таа ме префрли на Efeksor – што подразбираше исцрпувачки процес на благо одвикнување од Velbutrin и поминување низ неколку недели криза од одвикнувањето, за кои Фејсбук цело време беше тука за да ме потсети дека сум ментално болна. Овој пат бев биполарна (погледнете ја рекламата на тајмлајнот во продолжение, под 22 април 2017)

Ако веруваме на репортажата која ја објави The Australian, можно е Фејсбук да знае дека сум депресивна по моето онлајн однесување и да го искористува за продажба на огласен простор – но оваа компанија упорно негира дека таа алатка им е достапна на огласувачите.

Фејсбук исто така вели дека содржината на она што го псотавуваме на сајтот или пораките кои им ги праќаме на пријателите немаат удел во изборот на реклами кои ги гледаме. Каролина Синдерс – дизајнерка на самоуки машини (алгоритми што учат самостојно), вели дека веројатно сум кликнала на реклама преку Фејсбук или Инстаграм и дека, забележувајќи го успехот, огласувачите почнале да ми покажуваат повеќе од истата содржина. Во секој случај, компанијата има етичка обврска да им помогне на корисниците да излезат од таа приказна.

„Тоа што овие реклами прешле од медитација на ‘дали сте биполарни?’ навистина е многу опасно и задира во приватноста“, вели таа. „Иако во алгоритамска смисла тоа можеби има повеќе врска со тоа што е прикажано претходно, има многу штета во каузалните ефекти од тоа како тие нешта се манифестираат“. Уште повеќе што тоа е и против Фејсбуковата политика на огласување, која на рекламите не им дозволува да „искажуваат или сугерираат лични атрибути“, вклучувајќи и медицински болести. Откако оваа недела му беше укажано на тие огласувачи, Фејсбук ги отстрани рекламите на компаниите Joyable и askaboutbipolardepression.

Во декември Фејсбук почна и да тестира опција која на корисниците им дозволува да блокираат чувствителни теми во своите feed-ови. Засега таа им дозволува да филтрираат содржини само околу алкохол, до што дојде по жалбите на лекуваните алкохоличари, но зема во предвид сугестии од корисници по прашањето на широка лепеза на теми кои можат негативно да влијаат на нив.

„Постојано работиме на тоа на луѓето да им овозможиме подобро искуство со реклами на Фејсбук и Инстаграм“, ми рече портпаролот на Фејсбук. „Ние сметаме дека ако им дозволиме на групите за поддшка и здравствените организации да им се обратат на луѓето со важни теми за кои тие би можеле да бидат заинтересирани, тоа би можело да биде позитивно искуство. Меѓутоа, ние знаеме дека не секогаш успеваме во тоа. Луѓето можат да сокријат или пријават одредени реклами кои не сакаат да ги гледаат и имаме важечка политика која се труди да го спречи лошото искуство со рекламите“.

Додека активно работам на тоа да корегирам кои реклами можам да ги гледам, чувствувам како алгоритамот да го поткопува напредокот кој го имам остварено. Но, како што напомнува Синдерс, практично јас сум таа што го научила алгоритамот тоа да го прави – а на програмерите им е тешко да предвидат исходи како овој или да ги поправат пред да се случат.

„Не постои превентивна нега за штетни исходи во учењето на машините“, вели Синдерс. „Само чекате, се надевате и евентуално исфрлате предрасуди од програмата“.

Го поминав целиот живот во депресија, а и покрај целата помош која ми е укажана и напредокот кој го остварив во последните четири месеци, дури и јас често заборавам дека е во ред да не се чувствувам цело време како ѓубре; А како тогаш да очекувам од машините така брзо да дојдат до истиот заклучок?

Додека заминував од неодамнешната сесија, го слушнав мојот психијатар – 70-годишна Русинка која еднаш ме натера да испринтам статија бидејќи „не користи интернет“ – како вика по мене „да се тргнам од Твитер и Фејсбук“.

„Сериозна сум – тие нешта се ужасни за твоето ментално здравје“, рече таа. „Луѓето го земаат тоа што го чувствуваат и потоа тоа го проектираат на сé што гледаат онлајн“. Не знаев како да ѝ објаснам колку е во право.

- Реклама -