Имаш добар просек? Ники Минаж ќе ти плати факултет

Никогаш не сме биле фанови на ликот и делото, а уште помалку на музиката на Ники Минаж, ама, што ќе речат Американците, мора да се даде кредит where credit is due.

На некоја си вообичаена објава на Твитер во која Минаж ги повикала фановите на штоидае, ветувајќи им дружење со неа на Billboard Music Awards, рандом типче ѝ пишува дека повеќе преферира да му го плати колеџот. На изненадување на сите (20 милиони фанови што ги има на Твитер), Минаж прифаќа, под услов да ѝ прати официјална потврда за висок просек.

И така почна. Веќе во следниот пост, Минаж го прошири предизвикот за сите нејзини фанови, од било каде во светот. Луѓе почнаа да ѝ праќаат потврди за просеци, докази за студентски долгови, извештаи од банкарски сметки и слично, а Ники Минаж помина цела вечер „доделувајќи стипендии“, плаќајќи партиципации и долгови во вредност од илјадници долари.

Не, не е шега. Koму илјадарче, кому повеќе, Минаж одговараше во фазон „Нема гајле“, „Платено“, „Уживај сестро“ и слично. На еден тип му плати дури неколку од студентските заеми, од кои најмалиот +2.000 илјади долари.

На крајот на вечерта, откако им помогна на повеќе од 30 „скроз одлични“ обожаватели, Минаж вети дека (ако ѝ останат пари) ќе го повтори предизвикот за месец или два.

Е па, од нас има едно искрено: Браво! Дури и да била пијана, не ни е гајле. Можеби и другите ѕвезди треба да бидат вака „пијани“ кон своите фанови.

 

- Реклама -