Во СССР во 50-тите преснимувале забранети музички плочи на рентген снимки

Во 50-тите години на минатиот век, во Советскиот Сојуз имало голем интерес за американска музика, но од политички причини таа била забранета, пишува Junk Culture. Сепак, тоа не ги спречило ентузијастите, кои откриле уникатен начин на преснимување на плочите – со помош на рентгенски снимки.

Во тоа време, винилот бил редок и скап, за разлика од рентгенските снимки кои се наоѓале лесно и често ги имало во купишта во и покрај контејнерите околу болниците. Иако на рентгенските снимки можело да се снима само на едната страна, снимената музика звучела прилично пристојно кога ќе ја пуштите на стандарден грамофон.

Писателката Ања фон Бремзен пишува: „Тие ќе ја исечеа снимката во форма на круг со ножички за нокти, и со цигара гореа дупка во средината… Така, Елвис ќе беше снимен врз нечии бели дробови, а Дјук Елингтон врз нечиј мозок“.

Кон 1958 година, властите ја насетиле ујдурмата, и почнале масовно да го следат овој тип на нелегално распространување на музиката. Сепак, за тие луѓе, засекогаш ќе остане запаметен делот од историјата кога рентгенските снимки беа нарекувани „музика на коски“.

- Реклама -