Што ќе направи владата во случај на зомби апокалипса?

Откако не му одговорила на „500 конкретни прашања“, сенаторот на левичарската коалиција Компромис – Карлос Мулет Гарсија побара од шпанската влада да изнесе план за тоа што ќе направи во случај на зомби апокалипса.

Со тоа прашање Гарсија изрази протест кон „формалните, неинформативни одговори“ кои владата вообичаено ги дава на останатите,„секојдневните“ прашања. Претходно тој ја обвини владата дека со давање на „генерички“ и „нејасни“ одговори на пратеничките прашања, таа всушност намерно го саботира парламентот.

Па така, наведува Russia Today, беше поставено и прашањето „Какви протоколи има Владата во поглед на евентуална зомби апокалипса?“. На изненадување на сите, Гарсија доби одговор.

• Цитирајќи го шпанскиот речник на Кралската акедемија како референца во дефинирање на „апокалипсата“, од владата истакнаа дека таа значи „крај на светот“. Тие наведуваат дека „не постојат специфични протоколи за таквите настани, имајќи во предвид дека во тој момент многу малку може да се направи“.

• Сепак, владата одговори дека има план за „катастрофалните ситуации предизвикани од природни или човечки агенси, кои би предизвикале слика на тотално уништување“. Планот е:

„Сеопфатен систем на специфични процедури и протоколи за превенција, како на полето на итните случаи, така и во смисла на цивилна заштита, вклучувајќи ја целата јавна администрација и безбедносните сили“. 

• Кога се зборува за зомби-ја, владата се сомнева дека за „доаѓањето на поединци кои биле убиени, па оживеани од некакви магии што ги контролираат“ е вредно да има план, со оглед на „малата веројатност за такви околности“.

Russia Today иронично заклучува дека со ова, владата на Шпанија признава дека нема план за таквата ситуација.

• Меѓутоа, владата се пофали дека има „низа планови“ за борба против зомби-ја, ако тие се дефинирани како „луѓе кои се запрепастени и се однесуваат како автоматони“ (автоматизирани роботи).

Детали за тие планови, повторно не разјаснија. Како што наведуваат, не веруваат дека таквите луѓе би можеле да предизвикаат апокалиптично сценарио „кое би ги интересирало сенаторите“.

Очекувано, после ваквите одговори, повторно се огласи незадоволниот Гарсија, барајќи од владата да ги наведе конкретните постапки кои планира да ги преземе во тој случај.

„Не ги објаснија постапките за кои наведуваат дека имаат врска со луѓето кои се запрепастени и се однесуваат како автоматони“, се побуни Гарсија, и истакна дека освен што доцни, одговорот е и некомплетен. Како резултат, поднесе и официјален приговор на одговорот на владата.

Притоа, Гарсија ја обвини владата за лицемерство, истакнувајќи го фактот дека неговото хипотетичко прашање околу зомби апокалипсата доби многу подобар одговор од другите далеку пореални прашања.

„Имајќи во предвид дека нивниот одговор ќе го прочитаат многу луѓе, тие покажаа посветеност која не е вообичаена за останатите прашања“, наведува Гарсија, дополнувајќи дека самата влада е всушност „зомби апокалипса“.

Поука од приказната: Ако си влада, не се прави многу паметен.

- Реклама -