Во периодот 2001 до 2015 година, во кината удобно се паркираа 7 филма од автомобилската франшиза Брзи и бесни. По еден на секои две години. Последните неколку се особено финансиски успешни и премногу некреативни. Сега кон кино салите веќе чкрипат гумите на Брзи и бесни 8, со ветување дека ќе стане еден од најголемите хитови на годината, и дека ќе го бетонира фактот дека овој серијал е потенцијално бесконечен.
Што е „Брзи и бесни”? Банален изговор за акција, кој се служи во чинијата на публиката како некаков екстремно штетен фаст фуд микс од филмски транс-масти и прости јаглехидрати – апсурдно преувеличени и измислени бркотници со автомобили, сентименталност ала шпанска сапуница, ликови со длабочина и густина на дебел картон, и дијалог како создаден во лабораторија за хемиско оружје.
И покрај стерилната содржина на сериската скрин продукција на брендот Брзи и бесни, ѕвездата и носечкиот столб на серијалот – Вин Дизел, успеа да создаде некаков псевдо-религиозен култ кон бензинската какафонија. Дизел периодично им ја продава речиси езотеричната идеја на серијалот, на огромниот океан од луѓе кои го следат на социјалните мрежи. Само на Facebook, Вин Дизел има над 101 милиони фанови.
Последните пет години се страшно плодни за Брзи и бесни – франшизата доминира на светските благајни и е еден од најпрепознатливите брендови на забавната индустрија. Петтото, шестото и седмото продолжение однесоа вкупно речиси 3 милијарди долари од продадени билети во светот, и ја претворија сагата во комерцијален студиски мастодонт, со кој сите во бизнисот се гордеат.
Смртта на една од ѕвездите на серијата – Пол Вокер, само дополнително додаде трагичен пласт и силно емотивен ореол над Брзи и бесни, чии творци и без тоа веќе беа фокусирани на капитализирање на сите можни видови патетика.
Не е случајно што периoдот на бруталниот успех на Брзи и бесни се совпаѓа со периодот, кој го сведочиме, на драматично распаѓање на киното и регрес во квалитетот на производството за големиот екран.
Брзи и бесни стана симптом, сигнал и симбол на тешката естетска ситуација во која се најде киното во ерата на интернетот, социјалните медиуми, стриминг платформите и подемот на телевизиските серии.
Парадоксот е дека колку повеќе ТВ продукциите се обидуваат да личат на кино и филм, толку повеќе филмовите го копираат моделот на сериите. Сè е продолжение, римејк, ребут или екранизација на стрип. Додека „,малите екрани” станаа заштитници на сексот, насилството и сериозните теми за возрасни, големото платно падна на дереџе на инфантилен и безбеден корпоративен производ.
Амбицијата на Брзи и бесни истовремено да прикаже сериозна, емоционална содржина, и авангарден стил – е жива катастрофа. Таквата естетика на серијалот претставува исмејување на историјата на акционото кино и жанр во целост, ама и несвесна пародија на мачоизмот на Реган, Шварценегер и Сталоне. Тажно е што автентичен модерен акционен мастерпис како Mad Max: Road of Fury, не може да дојде ниту блиску до приходите и популарноста на последните неколку епизоди на една таква инфантилна и визуелно неинспиративна франшиза како Брзи и бесни.
А таа, заедно со уште неколку други големи наслови, јасно го одбележуваат местото каде што киното оди да умре.
Големиот Лебовски