Во кампот на Монсанто – каде што се менува начинот на кој јадеме

Monsanto е лукав играч на пазарот. Основана во 1901 година, агрикултурната биотехнолошка компанија уште од самите почетоци почнува да претставува иновации на хербициди, пестициди, и – најконтроверзно од сé – генетски модифицирани семиња кои постепено ги наметна во некои делови од светот.

Но Монсанто не игра само на картата на ГМО. Има скриени кецови во ракавот, а сé со цел да стане незаменлива. Тоа е факт што може да ги изненади дури и тие што се запознаени со контроверзната историја, па и сегашност на компанијата – дека Монсанто е најголемиот светски добавувач на семиња на зеленчук.

Најголемиот дел од пченката и сојата одгледани во САД имаат семенски карактеристики патентирани од Монсанто, а денес компанијата го надополнува своето работење на полето на ГМО и со работење на не-ГМО зеленчук. Од не-ГМО работењето, Монсанто лани заработи околу 801 милиони долари.

На растечкиот камп во калифорнискиот Woodland, Монсанто работи на создавање на посочни дињи, постабилен кромид, домати кои не омекнуваат при транспорт, и друга храна одгледана со традиционални техники, а подобрена со новите знаења и хај-тек алатки, методи и средства.

Лошата репутација на Монсанто произлегува од нивната работа на ГМО производите, кои се направени со земање на гени од еден вид и вметнување на истите во друг вид. Генетски модифицираната храна е сé уште извор на дебата меѓу активистите за безбедна и здрава храна и генетичарите, а Монсанто речиси без исклучок е централната тема.

Во 2016-та година, врвната научна организација Национална академија на науките ја прогласи храната произведена со инженеринг како безбедна за јадење, но загриженоста околу безбедноста и еколошкиот импакт продолжува да постои.

Како и во секоја друга дебата, барем на интернет, едните тврдат дека ГМО е безбедна, а другите – дека не е или дека рано е да се знае. И како по обичај, едните со другите меѓусебно се нарекуваат глупи. Сепак, има и трети, ама ретки, кои инсистираат дека главниот проблем не е во тоа дали ГМО е безбедна или не, туку дека Монсанто е на пат да создаде монопол врз храната на глобално ниво. А монопол врз храната ти носи многу поголема моќ отколку било кое постоечко оружје, а со тоа и реална шанса за буквално владеење со светот.

Овие третиве како да се најблиску до вистината, за што потврда може да биде токму не-ГМО амбицијата на Монсанто. Во Вудленд, во кампот со површина од 858 метри квадратни, опкружен со фарми, компанијата е фокусирана на одгледување на храна на старомодниот начин – без никакво генетско „рчкање“ со семињата.

Во 2005-та, Монсанто плати околу 1 милијарда долари за да го купи Seminis – водечкиот производител на семиња за овошје и зеленчук. Заедно, сега ја сочинуваат најголемата светска компанија за производство на семиња. Џон Пурсел од одделот на Монсанто за зеленчук, го коментира здружувањето на гигантите како „природна еволуција“,

Како што рековме, лани производството на не-ГМО семиња ѝ донесе на Монсанто профит од 801 милиони долари. Тоа е помалку од една-десетина од приходот кој го остваруваат продавајќи ГМО, агрохемиски производи, и софтверски решенија за одгледување. Иако очигледно не-ГМО гранката не е профитабилна како ГМО гранката, Монсанто во 2016-та вложи околу 100 милиони долари во нејзиниот понатамошен развој.

Денес одгледувачите сé уште се потпираат на класичната методологија на одгледување на храна, но процесот е долготраен и скап, и бара садење на повеќе генерации, со цел да се постигне најдобриот вкус, трајност, изглед и зрелост. Голем дел од напредокот во производството се случува токму во Вудленд, во установа полна со научници, инженери, статистичари и други професионални таленти.

Мал пример за тоа како тоа изгледа. Во некоја лабораторија со минимална технологија, доктор отвара пластичен сад со засадена зелена салата. На листовите се собрале бели дамки, кои се класичен симптом на габичните заболувања. Кога примероците од болните листови ќе стигнат во Вудленд, научниците прво идентификуваат дали болеста е позната или се работи за нов облик. Потоа проверуваат во базата на податоци позната како „банка на гени“, за да пронајдат вид на марула отпорна на болеста која ја мачи оваа на фармерот/докторот. Стотина илјади семиња се складирани во „фолдерите за семиња“ во склоп на кампот, каде се организирани по видови. По наоѓањето на соодветното семе, научниците го испраќаат отпорното семе до фармерот, кој сега однапред ќе знае дали следниот род ќе му биде успешен.

Кромид кој не те тера на плачење 

Монсанто исто така создаде и не-ГМО кромид од кој не се плаче, под назив „секогаш благ“, како и марула која останува крцкава дури и една недела откако ќе ја купите, или бабура што има совршена големина за едно сервирање.

Машината со помош на која се прави тоа се нарекува „секач на семиња“, во кој семето и самата лушпа на семето се одвојуваат со компримиран воздух, а потоа саканата особина (боја, вкус и слично) се мапира во ДНК-та на билката. Тоа се смета за не-ГМО процес бидејќи не се „пресадува“ ген од некој друг вид. Кога новата сорта се пушта во малопродажба, подлегнува на ригорозни тестирања на вкусот од страна на потрошувачите.

Притоа, Монсанто е толку доминантна на пазарот, што судбината на некои семиња буквално зависи од нив. „Ако Монсанто изгуби интерес за одредени варијации на семињата, тие би можеле комплетно да исчезнат“, велат претставници од компанијата.

Дури и познавачите на полето на производство на семиња се загрижени дека во индустријата постојат премалку „играчи“, а дека тоа ја загрозува биолошката разноликост, но и ги оштетува ситните одгледувачи, така елиминирајќи ја конкуренцијата на пазарот.

- Реклама -