Осум аманети од мојот дедо – Рокфелер

Адам Гровалд е писател, патник, и… внук на еден од до скоро најстарите милијардери во светот – Дејвид Рокфелер (со лично богатство од 3.2 милијарди долари, според последните податоци на Forbes), кој почина на 20 март 2017 во домот во Њујорк. Гровалд е потомок на една од најбогатите фамилии во светот, а дедо му Дејвид беше единствениот од Рокфелерови кој остави своја автобиографија.

Во текстот за Thrive Global, Гровалд пишува за Дејвид Рокфелер од чисто човечки аспект, од аспект на внук и лекциите по кои ќе го памети својот дедо.

Мојот дедо Дејвид Рокфелер почина утрото на 20 март 2017-та година, пред да наполни 102 години.

Тој беше човек кој имаше поголемо влијание врз светот од сите други што ги познавам. Но после сé, навечер, тој се претвораше единствено во мојот дедо, татко на мајка ми, сопруг на баба ми, и пријател на безброј луѓе кои го сакаа.

Историските референци за животот на мојот дедо се достапни на многу места и кажани под различни форми. Мојот начин посмртно да му ја оддадам мојата почит е да споделам некои од лекциите кои ги научив од примерот на неговиот живот и неговата смрт.

1. Односите со луѓето се основата, тоа што има најголемо значење

Мојот дедо беше мајстор за здравици. На секој ручек или вечера, без разлика дали се работеше за личен семеен собир или за време на официјални вечери со претседатели или премиери, тој внимателно ќе затропаше на својата чаша со вино и наздравуваше. Деталите варираа, но рамката секогаш беше иста: да им се укаже почит на присутните.

Колку повеќе старееше и колку повеќе му опаѓаше енергијата, толку поедноставни стануваа зборовите во неговите здравици.

„Сакам да ви кажам, дека ве сакам сите, многу“, имаше навика да рече. „И не можам да се сетам на ништо подобро од тоа да сум со вас токму сега“.

Особено во подоцните години, неговите омилени нешта беа просто да поминува време со семејството и пријателите.

2. Цени ги секојдневните радости, и не се воздржувај да ги преувеличуваш

За време на една од нашите последни заеднички вечери, дедо ми изгледаше како никогаш претходно да не јадел. По речиси секој залак, тој извикуваше: „Ова е највкусната храна која некогаш сум ја јадел”. Неговите сетила беа силно изострени поради близината до смртта, но тоа исто така не беше невообичаено да се чуе од неговата уста.

Во многу прилики го имав чуено да каже нешто како: „Навистина мислам дека тоа е најдобро крем бруле кое некогаш сум го јадел“. Лекцијата е дека кога станува збор за благодарност, не постои такво нешто како прекумерен ентузијазам.

3. Цени ги луѓето, не нивните позиции

Дедо ми беше меѓу најуважуваните личности кои сум ги сретнал. Кога патував со него, забележав, дека тој се однесува еднакво добро со различни луѓе: се однесуваше со истото внимание и љубезност кон портирите како и кон светските лидери.

Кога влегов во неговата спална по смртта, пред очите ми се јавија две слики: на едната тој наздравуваше со кралицата Елизабет, а двајцата изгледаа подеднакво среќни што се сретнале. На другата – тој беше заедно со своите служители од канцеларијата, и одново светеше, исто како кога стоеше до Кралицата.

Дедо гледаше на сите свои служители како на лични пријатели, и според мене, и тие подеднакво го сакаа за возврат.

4. Грижи се за себе и добрината ќе те следи

Мојот дедо беше исклучително мил човек. Негов инстинкт беше секогаш да најде нешто што го цени, во секоја ситуација, и јас ретко го имав слушнато да зборува лошо за кого и да е. Единствените ситуации кога беше мрачен или критичен беше кога беше изморен, гладен, или вознемирен.

Од своите набљудувања осознав дека кога се чувствуваме исполнети и во мир со своите сопствени животи, нашето чувство за благосостојба ни доаѓа природно и влијае на начинот на кој се однесуваме кон луѓето околу себе.

5. Великодушноста раѓа радост

Филантроп од големи размери – мојот дедо раздаде околу 2 милијарди долари во текот на својот живот – тој беше човек со големо влијание во Њујорк и во САД, а и воопшто во светот. Но, тој подеднакво се грижеше и за своите најблиски. Дедо се интересираше исклучително многу за она што се случува во светот и со оние околу него. За каков проблем и да слушнеше, без разлика дали на лично или на социјално ниво, неговата прва реакција беше да праша некој близок од доверба: „Што можеме да направиме за да помогнеме?”.

Тоа што го согледав во животот на дедо ми е дека енергијата што ја даваш, се враќа кај тебе. Дедо даваше на светот со длабока и интуитивна великодушност, и јас верувам дека тоа, заедно со времето поминато со семејството, беше неговиот најголем извор на среќа и задоволство.

6. Вредностите се во традицијата …

Дедо беше човек од навика. Кога одев да го видам за вечера, немаше потреба да прашам во колку часот: Коктелот секогаш беше во 18:30, а вечерата во 19:00. Мислам дека тој наоѓаше удобност во редовноста и спокој во предвидливоста.

7. …но исто така и во флексибилноста

Негативната страна на склоноста на дедо ми кон постојаност, беше тешкотијата со која ги прифаќаше промените и различностите. Ако луѓето не се појавувеа навреме за вечера или не беа облечени соодветно за одредена ситуација, можев да му го видам измаченото лице кое покажуваше колку му е тешко да ја прифати новата ситуација, која немаше блискост со неговите очекувања.

Тоа често се манифестираше во остри зборови или во строг поглед на разочарување. Но, колку постар стануваше, толку повеќе омекнуваше. Имаше потреба почесто да одмора и неговата шема на живот се промени. Кога сфати дека веќе е способен на поголема флексибилност во своите планови, тоа ја зголеми неговата способност да ги прифаќа луѓето и ситуациите кои се надвор од негова контрола. Јас ја доживеав неговата најголема среќа и мир преку неговата способност да прифаќа.

8. Научи се да ги пуштиш/да се откажеш од нештата

Тоа беше финалната лекција што ја научив од дедо. Тој го сакаше животот со страст и чувствуваше силна желба да поживее. Во последната деценија на животот, секогаш кога мислевме дека можеби ова е крај, тој нé изненадуваше и здравјето му се подобруваше.

Но тој остаре многу и неговото 101-годишно тело страдаше сé повеќе и повеќе во последните денови. Никакви лекови не можеа да направат животот да продолжи да тече во него.

Во последните моменти, опкружен со семејството, мојот сакан дедо конечно прифати дека работите се такви какви што се. Неговите очи се затворија, неговиот здив почна постепено да се намалува и тој просто го пушти животот…

Џозеф Кемпбел пишува: „Не верувам дека луѓето бараат смисла во животот, колку што го бараат чувството дека се живи”.

Финалната лекција на дедо, покажува дека да ги „испуштиш работите од контрола“ му се случува на секој на крајот на животот. Но и во животот исто така ни се дава можност тоа да го направиме. 

Но, додека „да ги пуштиш“ нештата на крајот на животот делува повеќе на излез – тоа да го правиш, додека си жив, претставува силно присуство во моментот на сегашноста – тоа е влез низ порталот на целосното прифаќање на она доаѓа и си оди, на она што Е.

Животот се случува сега и да се прашуваме за минатото или да ја гатаме иднината се само пречки кои нé спречуваат да го изживееме моментот.

Мојот дедо живееше добро и долго. Имаше огромни соништа за иднината, од кои многумина оствари за време на својот живот, но никогаш не загуби контакт со едноставните задоволства на моментот – да ја вкусиш храната, да комуницираш со луѓето што ги сакаш, и да го препознаваш општочовечкото во секој друг.

Му благодарам за овие лекции и за неговото умеење да ги пушти нештата кога тоа беше потребно.

                “

- Реклама -