Научниците конечно открија зошто позеленува Арктикот

Арктичкиот морски мраз станува сé позелен, а веќе со години, научниците не можеа да сфатат што (по ѓаволите) се случува. Знаеја дека зелената боја мора да доаѓа од цветањето на микроскопски морски растенија (фитопланктони) под мразот, ама знаеја и дека тоа нема смисла – на фитопланктоните им треба сончева светлина за процесот на фотосинтеза, а под мразот би требало да биде претемно за да можат да преживеат, а камо ли да виреат.

Но сега, интернационален тим од научници ја откри мистеријата, и причината е уште една лоша вест.

Рекордно ниските количини на мраз што сега ги гледаме на Арктикот всушност значат дека таа светлосна бариера се истенчила, а сончевата светлина, наместо да се рефлектира, сега е апсорбирана од темните базени од стопен мраз кои се формираат на површината.

Со други зборови, мразот што останува сега е потемен и потенок од кога било, а бидејќи светлината пенетрира под него, фитопланктонските колонии се размножуваат со неочекувано брзо темпо.

„Стигнавме од состојба кога немаше потенцијал за планктонско виреење – до масивни региони од Арктикот кои се подложни на ваков тип на раст“, вели Крис Хорват – дел од тимот од Харвард.

Бидејќи сателитите не можат да видат низ мразот за научниците да имаат увид што се случува под него, Хорват и колегите нашле друг начин за да добијат одговори; со помош на математичко моделирање, направиле компјутерска симулација на условите и состојбата на мразот од 1986-та до 2015-та година. Симулацијата не само што потврдува дека мразот се истенчува, туку и дека стопените базени се зголемуваат.

Со тоа, мразот на Северниот пол всушност е нападнат на два фронта, напад чиј интензитет се зголемува во последните неколку декади, и досега не дава знаци дека тоа ќе се смени.

Бидејќи темните делови апсорбираат повеќе светлина отколку нестопениот мраз – кој е светол и рефлективен во неговата природна форма, појавата на овие растопени базени дозволува досега непосведочени количини на сончева светлина да пробијат низ мразот до океанот под него.

Пред 20 години, само 3 или 4 проценти од мразот на Арктикот бил доволно тенок за под него да можат да се развијат големи колонии од фитопланктони. Денес (поточно во 2015-та), речиси 30% се такви во летните месеци.

Но процутот на фитопланктоните не е само безначаен спореден ефект од топењето на мразот. Тоа го афектира и целиот жив свет во океанот под мразот. Имено, ако условите на Арктикот создадат услови погодни за фитопланктоните под мразот, тие (планктоните) ќе станат недостапни за поголемите морски животни кои зависат од нив како основна храна, ама и извор на кислород. Тоа ќе се случи заради миграцијата – и временска, и просторна, на планктоните кон овие нови поволни услови.

„Метарското намалување на дебелината на мразот на Арктикот во последните 30 години драматично ја смени екологијата на таа област“, вели Хорват. „Одеднаш, сето наше знаење за тоа како овој екосистем работи – е различно. Основата на арктичката исхрана сега расте во друг период и на други места кои се помалку достапни за животните на кои им треба кислород“, објаснува Хорват.

Нејасно е што ќе се случува во иднина, но најверојатно зазеленувањето на Арктикот ќе продолжи, особено што научниците постојано предупредуваат дека губиме арктички мраз преку сите годишни времиња. А „тоа што се случува на Арктикот, не останува на Арктикот“, како што се изрази Кетрин Хајхо – климатски научник од Тексас. „Целата планета е поврзана“.

 

- Реклама -