Кога две земји влегоа во војна поради фудбал …

Фудбал – најважната споредна работа на светот. Често, на фудбалските терени се одигруваат и „решаваат“ политичките ривалства; како тоа на Велика Британија и Аргентина на Светското првенство во 1986 година во Мексико, кога Аргентина виде шанса за да се одмазди за поразот од Британците во Фолкландската војна. Или како кога Иран и САД играа прв пат по иранската заложничка криза на светското првенство во Франција во 1998 година. Со Ел Салвадор и Хондурас случајот беше обратен – токму трите меѓусебни дуели на квалификациските серии изродија политичко ривалство, благо речено.

Хондурас победи во првиот натпревар, на свој терен во Хондурас. Потоа Ел Салвадор победи во вториот натпревар, сега тие на домашен терен. Ама кога Ел Салвадор победи на третиот меч, кој се играше во Мексико, како да се отвори пандорината кутија.

Ел Салвадор и тогаш беше, и сега е, една од најгусто населените земји во Америките. Хондурас, за споредба, беше и е ретко населен. До крајот на 1960-тите, околу 300.000 мигранти од Ел Салвадор живееја и работеа, често нелегално, во Хондурас.

Дилемите што се наметнуваа од присуството на овие имигранти, од кои многумина обработуваа претходно неплодна почва, беа адресирани и регулирани со серија од билатерални договори меѓу двете централно-американски нации. Последниот договор, ко за беља, истече баш во 1969-та година.

Да биде уште полошо, властите на Тегусигалпа (главниот град на Хондурас) започнаа земјена реформа со која Салвадоријанците практично беа избркани од имотите што ги обработуваа. Повеќето избегаа назад во Ел Салвадор. Тогаш Ел Салвадор почна да ја бара земјата што пред реформата ја обработуваа нивните иселеници во Хондурас. И баш во ваква клима, двете земји се сретнаа на фудбалските терени на Мексико на Светското првенство во 1970 година.

Првиот натпревар се одигра во Тегусигалпа. Хондурас се погрижи нивните ривали да не се одморат ноќта пред натпреварот, создавајќи страшна бучава пред хотелските соби во кои спиеја фудбалерите на Ел Салвадор. Нормално, ненаспаниот тим изгуби. Медиумите во Сан Салвадор долејаа масло на огнот кога известија дека млада жена, толку погодена од поразот, се застрелала во срцето. Според El Nacional, „не можела да поднесе да си ја види татковината на колена“. Погребот ѝ беше пренесуван на телевизија, а во поворката зад ковчегот чекореше и самиот претседател. Додека дојде време Хондурас да игра во Сан Салвадор за реванш, тензиите беа во својот врв. На натпреварот, кој го добија домаќините од Ел Салвадор, знамето на Хондурас не беше развеано за време на почетната церемонија. На негово место беше развеана стара крпа.

Под ризик од насилство во последната средба (се играше „подобар од три“), ФИФА одлучи третиот меч да се игра во Мексико Сити, на неутрална територија. 5.000 мексикански полицајци ги чуваа двете навивачки страни под контрола. Ел Салвадор победи. Неколку часа подоцна, Ел Салвадор ги прекина сите дипломатски врски со северниот сосед. Две недели подоцна, салвадорската авијација го бомбардираше Тегусигалпа.

„La guerra del fútbol“ очигледно не се водеше само поради фудбалот. Но фудбалските натпревари беа искористени како многу ефикасни пропагандни алатки што доведоа до таа војна, која траеше 100 часа. Блокирани од ембаргото на САД за да можат директно да купуваат оружје, двете страни мораа да купуваат застарена воена опрема од Втора светска војна. Впрочем, „фудбалската војна“ е и последната во која можеа да се видат војници во пиштолски дуели.

Кога Организацијата на американски држави договори примирје, веќе беа мртви околу 1000-2000 луѓе. 100.000 други беа раселени. Формален мировен договор не беше потпишан до 1980-та година. Иако војната траеше само 4 дена, последиците за Ел Салвадор беа огромни. Илјадници Салвадоријанци веќе не можеа да се вратат во Хондурас, претставувајќи дополнителен товар врз веќе кревката економија. Незадоволство се рашири, а само 10 години подоцна, земјата потона во 12-годишна граѓанска војна која зад себе остави 75.000 мртви.

- Реклама -