Јунакот што му скокна на ушка на Ким Џонг Ун

Врховниот лидер на Северна Кореја не е типичното палаво и насмеано другарче со кое сакаш да си играш. Затоа, кога Корејска централна новинска агенција минатата недела објави серија од фотографии за успешниот тест на ракета со голем дострел, една необична фотка го привлече вниманието.

Кој е тој јунак што се осмелува да му скокне на грб на диктаторот, и што е поентата на фотографиите? Според BBC, униформата на човекот упатува дека е офицер од средниот ешалон на Стратешките ракетни сили – дивизија на севернокорејската народна армија, која раководи со стратегиските одбранбени ракети, вклучувајќи го и нуклеарното оружје.

Мистеријата баш и не е сериозна. Се работи за исценирана фотографија, претпоставуваат експертите, која има за цел да го засили имиџот кој Ким се обидува да го наметне меѓу севернокорејските граѓани – имиџ на не толку суров и страшен човек за каков што важи пред надворешниот свет.

Мајкл Маден – „експерт за Северна Кореја“, вели дека сликата покажува извесна разлика помеѓу диктаторот и неговите претходници. „Никој не би се осмелил да му скокне на грб на неговиот татко, уште помалку на дедо му. Но оваа слика одговара на имиџот кој Ким Џонг Ун се обидува да го изгради – на поотворен кон луѓето човек од татка си“, забележува Маден.

„Оваа слика создава чувство на политичка доверба во неговото лидерство и управување со земјата. Имено, ако Ким не се чувствуваше безбедно, немаше да дозволи дистрибуција на вакви слики, а ќе изгледаше дистанциран и студен“, додава експертот.

Во средата, три дена по оваа слика, следеше нов обид за лансирање на нуклеарна ракета, кој заврши со неуспех. Американската тихоокеанска команда соопшти дека ракетата веројатно експлодирала само неколку секунди по лансирањето.

- Реклама -