Каде да се скриеш во случај на нуклеарен напад

Не дека некој некогаш ќе фрли нуклеарка врз Македонија, а и недај боже било кому да му требаат советиве, ама ете, да ги споделиме.

Под услов да ја преживееш самата детонација, треба да знаеш дека колку што е лоша самата експлозија, толку е лошо, ако не и полошо, по неа.

Пред сé, ќе знаеш дека нуклеарна бомба експлодирала во близина ако има ненадеен флеш/блесок на многу силна, бела светлина, која може, ама и не мора да те ослепи ако си во радиус од 80 километри од таканаречената ground zero (точката на површината на земјата што е најблиску до детонацијата). Ако тоа силно бело слепило по некое време „се расчисти“, а ти не почувствуваш неверојатна леснотија и блаженост, значи жив си. Другите знаци дека се случила нуклеарна експлозија се инстантни изгореници од прв до трет степен, ако си во радиус од 15-тина километри, и секако, препознатливата печурка што ќе го затемни небото.

Штом се соземеш и сфатиш што се случува, експертот Мајкл Дилон од Lawrence Livermore National Laboratory советува веднаш да најдеш засолниште, за да го избегнеш радиоактивниот отпад. Во неговиот извештај за Proceedings of the Royal Society A: Mathematical, Physical and Engineering Sciences, советува да се сокриете во објект од најгустиот можен градбен материјал. Колку подебел, толку подобро.

На пример, структура од цигла и бетон кои немаат прозорци, или под земја во подрум, шпајз, визба и слично. Криење во такво засолниште ќе те изложи на „само“ 1/200 од радијацијата на нуклеарниот отпад на кој би бил изложен надвор. Очигледно, идеалното решение е вистинско засолниште за бомби, но повеќето луѓе нема да се најдат во нивна близина. Графиков на Бизнис Инсајдер може да ви даде пар идеи каде да се упатите.

Дрвените структури, како и повеќето куќи и помали двокатни куќи нема многу да ти помогнат против радијацијата. Ама се подобри од ништо, нели? Па… делумно. Дилон препорачува да се упатиш кон подобра локација, ако тоа е можно. Ако можеш да истрчаш до „погусто“, позаштитено засолниште во рок од пет минути изложеност, направи го тоа. Ако до таква локација ти треба повеќе време, да речеме до 15 минути изложеност на радијација, подобро е да останеш каде што си барем еден час, а потоа да се упатиш таму. Дотогаш ќе спласне добар дел од интензивниот радијациски отпад, и делумно ќе ја редуцира твојата изложеност.

Да речеме дека си нашол добро засолниште со дебели ѕидови. Најдобро е да останеш подалеку од било какви врати и прозорци, да се истушираш (ако е опција) или да ги избришеш изложените делови од телото со влажна крпа, и да ја соблечеш и фрлиш сега контаминираната облека на себе. Сé што е облека и е контаминирано, по можност складирај во пластична ќеса, затвори ја херметски, и тргни ја подалеку од тебе и другите. Додека се тушираш, користи сапун и шампон, ама никако не ја триј или греби кожата. И не користи ништо што на себе има ознака „conditioner“, бидејќи таков шампон ќе ти го врзе (хемиски) радиоактивниот материјал за косата. Штом се истушираш, издувај го носот, избриши ги очните капаци, трепките и ушите, за да го отстраниш евентуалниот остаток од радиоактивниот отпад.

За крај, пиј само флаширана вода и јади само храна од добро запечатени конзерви. Ако има радио, слушај – така ќе бидеш информиран каде да одиш и каде ќе добиеш помош. Ако нема, а не си атеист, моли се…

Сета шега на страна, тажна е и самата помисла дека на денешното човештво би му требале вакви информации. Да се надеваме дека Американците (и Русите), за време на Студената војна, ќе бидат последни кои имале оправдан страв од употреба на нуклеарно оружје… Со акцент на „оправдан“, зашто со оглед на тековните светски случувања стравот дефинитивно е присутен.

- Реклама -