Најголемата напуштена подземна база во Европа – југословенската Жељава

На границата меѓу Хрватска и Босна, под планината Пљешевица, близу Бихаќ, се наоѓа некогашната воена база Жељава – најголемиот подземен аеродром и воздушна воена база во поранешна Југославија, ама и во Европа.

Изградбата на базата, под кодно име „Objekat 505“, почнала во 1948-мата, а била завршена во 1968  година. Во текот на тие две децении конструкција, СФРЈ потрошила околу 6 милијарди долари – трипати повеќе од сегашниот годишен воен буџет на Србија и Хрватска заедно. Со тоа, Желава била и една од најскапите во Европа.

Улогата на базата била да воспостави, интегрира и координира радарска мрежа за рано предупредување на национално ниво, сличен на денешниот американски NORAD.

Комплексот бил така дизајниран за да може да издржи директен удар од 20-килотонска нуклеарна бомба (еквивалент на таа фрлена врз Нагасаки). Пред секој од влезовите биле направени „преткомори“ т.е. бетонски штитови кои полукружно се спуштале и херметички ја затварале секоја од галериите на базата. Секоја од нив тежела по 100 тони.

Во самиот објект имало изградена комплетна инфраструктура за престој на стотици вработени. Располагал со моќни агрегатни станици за производство на електрична енергија (во случај на блокада на објектот), складови за керозин и сл. Интересно е што при копањето на тунелите е најдена подземна река, што било само еден огромен плус – базата не морала да се грижи за снабдување со вода во случај на опсада. Во целиот објект работел систем за климатизација, многу модерен за тоа време, кој одржувал константна температура и го филтрирал воздухот.

Во Жељава биле стационирани околу 60 авиони – Миг 21, со три борбени ескадрили и уште неколку извидувачки. На самата средина на објектот имало лифт кој персоналот го качувал на висина од околу 30 метри над нивото на базата, каде се наоѓал тешко воочлив бункер со контролна кула, од каде се наведувала авијацијата. Дрвата околу пистите биле така кроени за да изгледа како авионите да полетуваат и слетуваат во шумата.

Главната предност на базата била стратешката локација – длабоко во територијата на тогашната СФРЈ, притоа блиску до градот Бихаќ, од каде била снабдувана со керозин преку 20-километарски подземен нафтовод, како и близината на врвот на планината Пљешевица (1650 метри), на кој биле инсталирани најмодерни радари во тоа време, со домет над 400 километри, со кои е надгледувана скоро целата територија не само на Југославија, туку и на Италија, Австрија и добар дел од Унгарија.

Сé до 1992 година, Жељава бил најмоќната воена база во тогашната СФРЈ, а можеби и во Европа. Таков тип на подземни објекти имале само мал број земји, меѓу кои и Шведска, според чиј модел е правен и овој во Жељава. Сепак, токму локацијата на базата на границата меѓу БиХ и Хрватска ја запечатила нејзината судбина. За време на војната во Хрватска била интензивно користена, но по избивањето на војната во БиХ, базата ја изгубила геостратешки одржливата перспектива. Во мај 1992 година, ЈНА го онеспособува објектот за понатамошно користење.

Денес се користи како камп за илегални бегалци.

Малку повеќе детали ТУКА.

 

- Реклама -