Како животот на баба ти ти влијае на менталното здравје

Во 1992-ра, двајца научници отишле во бар. Не е виц. На излегување, по неколку пијачки, се заправиле муабет околу идејата дека искуствата на нашите претци можат директно да ја афектираат нашата генетска „шминка“.

Муабетот го однел дуото – молекуларниот биолог и генетичар Моше Ѕиф (Moshe Szyf) и невробиологот Мајкл Мини (Michael Meaney) до тема за новата гранка на генетски истражувања – позната како епигенетика. Зборувале за една претходна студија, според која мајчината исхрана кај глувците може да има ефект врз наследените физички особини кај потомците.

Експериментот бил спроведен врз жолти Agouti глувци – Agouti генот (кој е заслужен за тоа дали животното има шари или е еднобојно т.е. non-agouti) кај овој вид глувци доаѓа со екстра парче ДНК кое ги прави жолти по боја и дебели по големина. Истражувачите ја хранеле мајката со мешавина од супстанци, и за време на бременоста, и по породувањето. Резултатот? Слаби, кафени младенчиња. Иако експериментот успеал во тоа да го „изгаси“ агути генот, не била регистрирана никаква забележлива промена во генската секвенца – особините биле модифицирани без всушност да се предизвика генетска мутација. Станува збор за процес познат како ДНК метилација, кој вклучува или исклучува (но не менува) одредени гени за време на развојните фази.

Овие откритија ги навеле Моше и Мајкл на нова идеја. Имајќи доказ дека исхраната води до епигенетски промени (негенетски влијанија врз манифестирањето на гените), тие се запрашале дали коренот на тие промено оди и подалеку – т.е. дали и негрижата, злоставувањето, па дури и стресот исто така можат да доведат до такви мали модификации кај гените. Нивната хипотеза создава целосно ново поле, познато како бихејвиорална епигенетика.

Новите откритија сугерираат дека трауматичните искуства на нашите претци можат навистина да остават молекуларни лузни на нашата ДНК. Истражувачите сметаат дека овие промени можат да резултираат не само со спомени, туку можат да влијаат и на начинот на кој човекот се чувствува или се однесува – и генерации подоцна.

„Секогаш бев заинтересиран околу тоа  што ги прави луѓето различни едни од други“, рече Мајкл во едно интервју. „Начинот на кој се однесуваме, на кој актуваме – некои луѓе се оптимисти, некои песимисти. Што ја создава таа варијација?“

Тој и Моше направиле три детални епигенетски експерименти, по што ги објавиле своите сознанија – тука.

Во првиот земале многу грижливи и многу негрижливи мајки стаорци. Ги оставиле да ги одгледаат своите малечки без тие како научници да се мешаат, по што го мереле хипокампусот (кој ја регулира реакцијата на телото кон стресот) кај малечките кога ќе пораснеле. Во мозокот на глувчињата растени од негрижливи мајки, тие наишле на високо метилирани глукокортикоидни рецептори – кои ја регулираат сензитивноста на поединката на стрес. Кај глувчињата со грижливи мајки било обратно. Оваа метилација кај првите попречувала создавање на нормален број на рецептори, што резултирало со „нервозни“ возрасни стаорци.

Во вториот експеримент, Моше и Мајкл ги замениле глувчињата – тие родени од грижливи мајки им ги дале на негрижливите, и обратно. Метилацијата во мозокот се сменила соодветно – глувчињата што сега биле кај негрижливите мајки имале висока метилација, иако делеле гени со грижливи мајки. И обратно. Тоа докажува дека овие ефекти доаѓаат од однесувањето на мајката, а не од наследни гени.

Што значи тоа за луѓето?

Па, секој има мајка, било да е биолошка, посвоена или целосно отсутна. Мајчинската грижа или негрижа што нашите (пра)баби и (пра)дедовци ја добиле, може да резултира со метилација во нивните мозоци. Таа метилација генетски може да се пренесе не само на нивните деца, туку и на внуците и правнуците.

Во 2008-ма, еден друг извештај на Мини, Ѕиф и нивните колеги, откри интензивна метилација на гените во хипокампусот на мозоците на тие луѓе што умреле како резултат на самоубиство. Истовремено, жртвите на злоставување за време на детството имаат по-метилирани мозоци. Таа метилација можела да биде резултат на нивните сопствени животни искуства, ама можела да биде и наследена.

Патем, да не заборавиме на третиот експеримент. Моше и Мајкл им вбризгале трикостатин А во мозоците на глувците растени од негрижливи мајки – кој целосно ги отстранува метил групите. Резултатот – успеале да ги избришат бихејвиоралните дефекти што се јавуваат во услови на негрижа.

Денес се прават сé повеќе и повеќе студии на полето на епигенетиката. Дали конкретно на полето на губење на меморијата како резултат на стареењето, или пост-трауматскиот синдром, епигенетските промени во генетската активност стануваат сé пожешка тема, наведувајќи многумина да се запрашаат дали вистинската комбинација од лекови би можела да ги „избрише“ метил групите кои влијаат на ДНК-та.

Многу фармацевтски компании се пред сé фокусирани на потрага по состојките кои би резултирале со подобрување на меморијата или способноста за учење, но истовремено, и самата идеја дека би можеле да се елиминираат депресијата и анксиозноста – останува цел што е премногу привлечна за да ја игнорираат.

- Реклама -