Најчесниот град во светот – Токио

Секоја година, во одделот „Изгубено – најдено“ на полицијата во Токио, пристигнуваат пари и предмети во вредност од десетици милиони долари.

Лани, Јапонците го срушија рекордот – вратија 3.67 милијарди јени (32 милиони долари) изгубени пари. Околу три-четвртини од тие пари завршија кај своите оригинални сопственици, според Metropolitan Police Department.

Вратен кеш.

Тоа е феномен што доволно зборува за Јапонците и нивната почит кон туѓото, но и рекорд што го прави Токио „најчесниот“ град на планетава.

Исто така, во Токио има многу малку криминал, и практично не постои страв дека ќе бидете ограбени. Иако е еден од најгусто населените градови во светот, не е реткост да видите луѓе како ги оставаат своите нови Ајфони да им ги чуваат местата додека се во кафулиња/ресторани додека одат до шанкот да нарачаат.

Од друга страна, продавачите и вработените ги чуваат дури и навидум најневажните изгубени предмети, во случај нивните сопственици еден ден да се вратат и да ги побараат назад.

Некои сметаат дека за ваквото однесување на Јапонците е „виновна“ нивната култура и етичко образование.

„Јапонските училишта одржуваат часови по етика и морал, а учениците учат да ги замислат чувствата на тие кои ги изгубиле нивните драгоцени предмети или пари“, вели Тошинари Нишиока – поранешен полицаец, а моментално професор на универзитет. „Па така, не е реткост да видите деца како враќаат парички од 10 јени (5 денари) во полициска станица“.

Има правила, ама има и награди. Јапонскиот Закон за изгубени добра гласи дека секој што ќе најде пари мора да ги врати во полиција, а за возврат има право на награда од 5% до 20% од износот – ако сопственикот си ги подигне, или на целата сума – ако никој не се јави во рок од три месеци.

- Реклама -