Каде оди ѓубрето од Малдивите?

Што прави остров што нема ни 1m² вишок место, со стотиците тони ѓубре што секој ден го генерираат милионот туристи годишно и 400-те илјади постојани жители? Ништо паметно; го носи на друг остров.

Малдивите се познати по песочните плажи и тиркизната вода. Но имаат и валкана страна. Само неколку километри западно од Мале – главниот град на Малдивите и едно од најгусто населените места на планетата, се наоѓа островот Тилафуши – малдивската градска депонија. Но Тилафуши не бил отсекогаш остров на ѓубрето. Всушност, не бил ни остров.

Пред 25 години, Тилафуши бил недопрена лагуна. Тогаш, во декември 1991 година, донесена е одлука лагуната да се искористи за депонија, во време кога заради туризмот, проблемот со ослободување од отпадот сé повеќе се зголемувал. Во рок од еден месец, ѓубрето почнало да пристигнува. Во песокот биле ископани големи дупки, кои биле наполнети со отпадот од Мале и другите населени острови од Малдивите. Така пополнети, биле поклопени со градежен отпад и потоа израмнети со бел песок.

Како што „копното“ на Тилафуши почнувало да расте, владата почнала да издава „земја“ за складишта на индустриите за бродоградба, цементните индустрии, индустријата на метан, и други складишта. Денес таму има околу 40-тина фабрики, џамија, и домови на околу 150 мигранти од Бангладеш, кои секој ден пребаруваат низ 330-те тони отпад што пристигнуваат на Тилафуши секој ден. Таму се депонира толку многу отпад, што „копното“ дневно расте за околу 1 метар квадратен.

Дел од тој отпад почна да се одделува од островот и да отпловува кон океанот, потоа завршувајќи на плажите на Мале и нуркачките локации во регионот. Ако ги прашате еколозите, ќе речат дека добар дел од вината што ѓубрето отпловува во океанот носат и нетрпеливите и неодговорните екипажи на бродовите, кои не го истовараат отпадот прописно (што би траело неколку часа), туку го фрлаат директно во лагуната.

Отпадот стана толку голем проблем што едно време, во 2011-та, владата забрани веќе да се фрла ѓубре на островот. Денес дел од ѓубрето се носи во Индија, на рециклирање.

- Реклама -