Се изгубија ли жените во трката да ги стигнат мажите?

Пред двеста години, жените барале пократок работен ден, подобри плати и право на глас. Денес продолжуваат да се борат за еднаквост со мажите – најмногу во сферата на платите, како и за пристап до раководните позиции, за правото на абортус (кое не секогаш се применува), а случаите на сексуално и домашно насилство не се исчезнати.

Тоа се накратко заклучоците до кои ќе стигнеме размислувајќи околу прашањата за борбата за правата на жените, што неизбежно се наметнуваат во периодот околу 8-ми март. Но во 2017-та година, по векови постоење на феминистичкото движење, жените сé уште сакаат да му покажат на светот и на себе си, дека не само што се добри колку и мажите, туку се дури и подобри. Во сé.

Таа е и маж и жена, и мајстор и готвач, а по потреба и шофер и амал. Освен тоа, има и супер кариера, сакана сопруга е, и посветена мајка.

Но дали во битката меѓу половите жените не се изгубија себе си? Заборавија дека да си жена е волшебно и го претворија тоа во товар. И сега за тоа им се лутат на мажите.

(Не нé убивајте) Ама уште од древни времиња во Библијата е напишано „како Бог ги создаде мажот и жената”. Жената е „коска од коските и месо од месото на мажот… Затоа човек остава и татко и мајка, и се прилепува кон жената своја; и ќе бидат (двајцата) едно тело“.

Но да сме рамноправни не значи да сме еднакви. Вистината е дека мажите и жените се коренито различни: по начинот на мислење, по претставата за светот и животот, по начинот на дејствување.

Да си жена значи да ја манифестираш својата женственост да бидеш ценета и уважувана токму за тоа.

Мажите и жените се двете страни на една паричка, која не е цела без едната половина.

Затоа војната меѓу мажите и жените е кауза осудена на пропаст. Тука победници не може да има, а секоја спечалена победа не ја носи очекуваната наслада. Причината е проста – секогаш другиот пол е нашата подобра половина.

Марија Панајотова

- Реклама -