Глен Кар – Најомразеното име меѓу полицијата во Мајами

Полициско возило паркирано пред противпожарен хидрант.

Познат ти е неговиот лик. Го гледаш секој ден како се вртка околу Судската палата во Мајами. Се вика Глен Кар, има 40 години, и секогаш го вади телефонот штом стигне до аголот на зградата. На лицето му се растегнува задоволна насмевка, зашто знае дека се таму. Знае дека наскоро ќе ги најде.

Неколку метри подоцна застанува. Гледа во две полициски патролни возила, паркирани од двете страни на раскрсницата отспротива. И двете се паркирани на пешачки острови, како за инат на знаците со натпис „Паркирањето е забрането“.

Кар преминува од другата страна на улицата, и ги снима и фотографира регистарските таблички и броеви на патролните возила. И така последниве шест месеци.

Типот е на мисија да се бори против сите локални полицајци кои не ги почитуваат правилата за паркирање. А такви, фала му на кој и да е, има на претек. Секое утро тој пешачи од станот во центарот на Мајами, до станицата на градската железница кај Судската палата. Речиси секој ден запира за да документира по 5-6 неправилно паркирани полициски автомобили пред зградата.

Од август 2016-та, Кар има поднесено над 125 жалби, сите придружени со слики и детални описи од времето и местото на кое се забележани прекршоците. Во полицијата, каде што ги поднесува пријавите, обично го пречекуваат со вулгарности, заканувачки погледи, и дополнителни формулари, процедури и проверки, вели Кар за Miami New Times.

Но тој нема ништо против полицијата, ниту пак е некаков анархистички бунтовник. Напротив, Кар е актуелен мајор во американската армија, кој во моментов е на магистерски студии на Универзитетот во Мајами. Специјалист е за логистика, има служено во одреди во Колорадо, Џорџија и Алјаска, а малку по нападите на 11 септември (на Кулите Близначки) заминал и во Авганистан. Поминал тешки 9 месеци во база крај границата со Пакистан, по што се враќа во САД и станува дел од 82-рата Падобранска дивизија во Форт Браг. Во биографијата му стојат уште и две мисии во Ирак, и специјализација во Пентагон.

По секоја логика, Кар треба да е од оние типови што сé горди на полицијата и што се неизмерно благодарни што таа им гарантира безбедност, било во животот, било на патиштата. Од каде тогаш ваквиот антагонизам? Ако го прашате Кар, тој ќе рече дека едноставно само сака полицијата да ги почитува правилата, како и сите останати граѓани. Вистината е малку „посочна“ – му имаат стапнато „на жуљ“.

Гневот кон полициското самоволие му се раѓа пред околу 4 години, кога Кар ја учи 16-годишната ќерка да вози на еден приградски пат во Мериленд. Одеднаш биле претекнати од две полициски патролни коли, без пуштени светла и сирени, движејќи се со 130 км/ч во зона со максимална дозволена брзина од 90 км/ч. Нема потреба да нагласуваме – ќерка му се извадила од памет.

Тогаш Кар почнува да копа и истражува во американското законодавство, но не наоѓа ниту една причина која му дава право на некој полицаец да вози со толку голема брзина на магистрален пат, а притоа без сигнализација. Па така, тој и неговата ќерка поднесуваат жалба до локалната полициска управа. Тоа е воедно и лекција за неговата ќерка, со која Кар сака да ѝ покаже дека и полицајците знаат да згрешат, но дека и тие (треба да) сносат одговорност.

Случајот се претвора во фикс-идеја за Кар. Тој почнува да ги документира полциските возила што прават прекршоци, каде и да ги начека. Свесен е дека тоа се ситни прекршоци, но смета дека тие прикриваат многу посериозен проблем: Ако полицаец си дозволува да паркира на место за инвалиди или пред противпожарен хидрант за да заштеди малку време, какви ли сé други неправилности си дозволува, особено што работата го става во ситуација на одредени привилегии пред законот?

Проблемот му паѓа во очи уште кога се преселува во Мајами, заради магистерските студии. Додека тој е запрепастен од однесувањето на локалните полицајци, другите како воопшто да не обрнуваат внимание на неговите забелешки. Внимание добива само од снимените полицајци кои често излегуваат од автомобилите и почнуваат да го распрашуваат за тоа како си дозволува да ги снима.

„Неколку подофицери и капетани пробаа да ме обесхрабрат со аргумент дека полицијата има право да паркира во зони со забрана за паркирање. Ги прашав кој член од законот им го дава тоа право – никој не успеа да ми одговори“, раскажува војникот.

За разлика од полициските службеници, Глен Кар многу добро ги познава законите на Флорида. Според нив, сите возила од флотата на државната администрација – вклучувајќи ги и полициските – се должни да ги почитуваат правилата за движење по патиштата, освен ако не се во потера по осомничен или одговараат на итен повик. „Доцнам за рочиште“ или „Скокнав да земам едно кафенце“ не се правно издржани изговори, потсетува Кар.

Помалите регионални полициски станици се поблагонаклонети кон указите на Кар и реагираат со официјални предупредувања до колегите-прекршители. Други полициски оддели, пак, водат невиден инает против жалбите на мајорот. По десетици писмени поплаки и телефонски повици, се чини дека сите негови поплаки до одделот за Внатрешна безбедност во централната управа на полицијата во Мајами – се мистериозно исчезнати.

Сепак, Кар има „црно на бело“ потврда од Независниот граѓански борд за контрола на полицијата во градот, дека полицајците навистина го прекршиле законот во барем 15 од пријавените случаи. Сепак, пресудите на Бордот немаат обврзувачко дејство, туку само имаат улога на препораки за подобрување на квалитетот на работата на полицијата.

Глен Кар сепак не се откажува од својата мисија. Единствената негова цел, вели, е да ѝ помогне на полицијата. Бидејќи имаат заеднички интерес: секој и секаде да го почитува законот.

- Реклама -