VX – најсмртоносниот отров некогаш направен

Леталниот отров VX, кој се користи како хемиско оружје, е пронајден и при неодамнешното убиство на полубратот на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун.

Ким Јонг Нам умрел 20 минути по нападот, кој беше изведен на меѓународниот аеродром во Куала Лумпур, додека се подготвувал да се качи на лет за Макао. Според наводите на полицијата, во брисевите земени од очите и од лицето на убиениот, кои беа анализирани од малезискиот хемиски полициски оддел, е најдено присуство токму на VX.

А нервниот агенс VX е хемиско оружје кое САД го класифицира како оружје за масовно уништување. VX е отров без вкус и мирис, и според конвенцијата за хемиско оружје, неговото користење, „освен во истражувања, за медицински или за фармацевтски цели“ – е недопустливо.

VX може да се добие како течност, крема или аеросол. Ако се користи во големи дози, смртоносен е во рок од 15 минути, наведува биохемискиот центар на американската армија. Со тоа воедно го означуваат и како најотровниот нервен агенс на светот.

VX е најсмртоносниот отров кој човекот некогаш го создал

Американската војска беше вклучена во неколку контролирани и случајни испуштања на отров VX. Во Ирак се произведени повеќе од 50 тона, а се претпоставува дека во ерата на Садам Хусеин, ирачката страна го користела против Курдите, во нападот во 1988 година.

САД и Русија се единствените земји кои имаат признато дека поседуваат залихи од VX, иако постојат сомнежи дека отровот го имаат и многу други држави. Северна Кореја, од друга страна, тврди дека никогаш не произведувала нервни агенси, но постојат сомневања дека располага со 2.5 до 5 илјади тони вакви отрови.

VX е толку отровен што само 10 милиграми отров нанесен на кожата, може да убие човек. Се смета дека смртта е можно да се спречи, и тоа исклучиво со моментално давање на низа противотрови, но VX делува толку брзо, што до сега никој немал прилика да ја провери ефикасноста на тие противотрови.

- Реклама -