Луксузниот фустан на Ив Сен Лорен (инспириран од баба ти)

Една од најголемите модни куќи – француската Yves Saint Laurent („Ив Сен Лорен“), заслужено јаде сериозен сеир на интернет.

Модниот гигант е еден од најценетите претставници на високата мода, а нивните креации можат да си ги дозволат само среќничките што можат да издвојат и по повеќе илјади евра за фустан.

Но, како и во денешната уметност, и во модата очигледно се случуваат ниски обиди да се претстави она сосема обичното како извонредно и екстравагантно. Се работи за фустан од актуелната колекција, кој благодарение на старомодниот дезен оддава впечаток дека се работи за фустан ист како тие што ги носат нашиве (балканските) и источноевропските баби по селата. Модерните жени на денешницата, пак, ќе можат да го носат исклучиво ако платат повеќе од 1.500 евра, што уште повеќе ги поттикна шегаџиите да се исмеат на ваквиот потег на модната куќа.

Во актуелната колекција постојат уште неколку слични модели, кои главно се разликуваат само по бојата. Ама ова е 21 век, па за секоја роба се наоѓа купец. Исто како што за секој џемпер се наоѓа и по некоја овца.

- Реклама -