За бунтот со небричена мишка

Недостатокот на реални и значајни каузи во услови на прекумерен консумеризам и презаситеност ја активира имагинацијата до степен што секоја глупост може да се претвори во „мисија на твојот живот“. 

Во (релативно) новата реклама на популарната шведска марка за облека H&M, имаме прилика да видиме дебела жена во долна облека, маж со изразени мускули во фустан, девојка со бричена глава, и на крајот, друга девојка со влакна под мишка. Сето ова со песната „She’s a lady“ во позадина.

Рекламата си е добра, и сé внатре ќе беше океј, ако всушност не се работеше за бунт. Бидејќи кога се бунтуваш против нешто како што е депилација, тоа е веќе малку загрижувачко. Мислам, луѓе се бунтуваат против тоталитарни режими, а не против жилети. Ако е второто, тогаш нешто не е во ред.

Проблемот не е во рекламата, туку во прашањето: „Зошто вакви пораки воопшто успеваат? На што дереџе сме, штом социјалните борби ни се за влакна под мишка?“. Да де, до каде дотеравме ако важната кауза ни е ова? Сериозно? Влакната и целулитот? Нема ли нешто друго, некоја посериозна идеја која современиот (про)западен човек може да ја застапува?

Идејата на рекламата е да бидат скршени стереотипите во врска со тоа како треба да изгледа и да се однесува една дама. Да покаже дека можеш да си женствена дури и кога јадеш со раце во фенси ресторан или имаш влакна. А видеото го прифатија како дрско, срамно и бунтовно. За многу луѓе со патријархално размислување рекламата веројатно е благо скандалозна. Но всушност никој нормален човек не би оспорувал дека женственоста на жената произлегува од многу други фактори, а не само од кило шминка. Тоа е факт.

До пред 20-тина години повеќето жени беа влакнести и никој тоа не го сфаќаше како револуција 

women-armpit-hair-12[1]

Додека денес е прашање на живот или смрт тоа дали да го баталиш бричот на една недела, баба ти воопшто не може да сфати што е проблемот. Влакната растат за месец дена и тоа без да правиш ништо посебно. Таква е природата. Замислете, дојдовме до состојба кога да ги оставиш нештата да се одвиваат природно е акт на бунт. Веќе сето нормално се смета за егзотично.

По некоја година и сексот ќе стане безмалку егзотика. Нашите внуци ќе снимаат рекламни спотови во кои ќе прикажуваат полов однос меѓу маж и жена, и тоа ќе биде супер кул и неохипстерска ствар, бидејќи не секој ќе има храброст да ја направи. Демек до храброста е, а не до интересот.

За да се чувствува целосен и исполнет, човек има потреба од каузи и предизвици. Да имаш сé и сé да ти е во ред е здодевно и тажно. Неслучајно светот е полн со разгалени богаташки деца во депресија. Затоа сме склони и подготвени, дури и кога немаме проблеми – да си ги создаваме, за да е интересен животот. Ова особено важи за нас луѓето од развиените западни општества, каде што, фала богу, не мора секојдневно да се бориш за залче леб или за живот.

Од друга страна, недостатокот на реални и значајни каузи, во услови на прекумерен консумеризам и презаситеност, ја активира имагинацијата до степен што секоја глупост може да се претвори во „мисија на твојот живот“. Од тоа да си вегетаријанец, до тоа да си ја викаш ќерката Џон зашто на 5 години се запрашала како е да си машко (заради што твојата квази-бунтовност автоматски ти сугерира дека детето ти е трансџендер), па до тоа, се разбира, да си пуштиш влакна под мишка или брада.

А ако утре дојде зомби апокалипса и треба да се решаваат посериозни проблеми, што правиме тогаш? Убаво е да се размислува по тоа прашање. Зашто, ситуацијата во светот воопшто не е розова. А инаку, да си бунтовник е кул. Дури и кога е непотребно.

Антонија Антонов

- Реклама -