„Борбата против пушењето“ одамна ги помина границите, и веќе стана пародија на самата себе си. Зборуваме за амбалажата на цигарите, која демек од добри причини се претвори во каталог од медицинска патологија.
И по толку време зјапање во канцерот на грлото на типот што ми стои на задната страна на кутијата со цигари, уште мислам дека иако сликите се одобрени од релевантните институции, пред сé од Министерството за здравство, дека сепак се режирани од некој со долго искуство во хорор филмовите, со потенцијална помош од доктор од некој од најхардкор болничките оддели.
Сликите на кутиите се одвратни, ама се шарени, па дечињата упорно бараат од родилите да видат што има таму. Башка што децата учат со имитирање (а и од најрана возраст го испитуваат светот преку устата) и сакаат да знаат што е тоа што нивниот мама или тато го става во устата, па порано или подоцна ќе ја докачат кутијата па колку и вие да сте ја криеле. И тогаш, благодарение на умните глави што решија да стават така детални фотографии, нашите деца мошне рано се запознаваат со филозофските прашања на животот и смртта, и бонус – без нас да нé замараат! Ние како возрасни и разумни особи со сигурност би му забраниле на детето да гледа филмови со сцени во кои има задушени бебиња, жени што плукаат крв или старци што умираат со страшни маки, ама хеј, кога се работи за цигарите, нека ги!
Зборот ми е, јас сум возрасен човек и јасни ми се ризиците и опасностите од пушењето. Од друга страна, немам проблем ни со забраната за пушење по локали и јавни објекти – т.е. имам, ама сметам дека е фер за другите. Како и да е, јас сум направил (засега) свесен избор да пушам, и немам потреба од графички потсетувања на мачната смрт која ме демне.
Ако ме прашате мене, хорор сликите на цигарите се пројава на чист садизам и на дискриминација што минува секакви морални, и особено естетски граници.
Алкохолот исто така убива, многу подиректно и побрзо од цигарите. Притоа целосно го менува однесувањето на човекот, кој со тоа станува закана не само за себе, туку и за другите. Тоа се потврдува максимално редовно – секојдневно настрадуваат невини, особено во петок и сабота навечер. Ама хеј, на шишињата нема слики од прегазени 20-годишници, крвави шофершајбни, претепани сопруги и деца или распаднати дробови. Нема ни на евтината храна полна со хемии (конзерванси, бои, хидрогенизирани масти и слично), која исто така убива: инфаркти, артериосклерози, хипертензии, дијабетес… Каде им се сликите, а?
Уште полошо е што на хероинот и „аповите“ што младите ги консумираат по школски дворови и локални градинки, и пред журки – нема хорор потсетници. Таму сé си е чисто, а борбата против нив не е ни одблизу масовна и јавна како против пушењето.
Да се вратиме на морбидните кутии на цигарите: Не ги знам бројките (ги следи ли некој воопшто?), ама тргнувајќи од себе, претпоставувам дека ич, ама ич немаат придонесено за намалување на пушењето. Ама затоа, ја зголемија мојата омраза кон тие што бескритично ја прифатија таквата медицинска порнографија. Еве додека палев со кафето, пак ми се преврте во цревата.
И патем, ако по некоја случајност процентот на пушачи е намален, тоа е заради сосема други фактори (опсесијата со здрав живот, теретаните и слично). Единствената добра работа од одвратните потсетници? – можеби малку го живнаа пазарот на табакери.